Преку арбитража до ефикасно решавање на работните спорови

12

Претставници на министерствата за труд, социјална политика, социјални односи од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, со присуство на експерти од Ирска, Романија, Германија и Бугарија учествуваат во работата на Регионалната конференција што во рамки на проектот Унапредување на социјалниот дијалог на Меѓународната организација на труд се одржува во Охрид, јавува Миа.

Дводневниот состанок, на кој тема на дискусија ќе бидат ефективните механизми за мирно решавање на работните спорови, е добра можност учесниците да ги претстават своите позитивни практики во воспоставувањето, организирањето и функционирањето на самиот механизам, но и проблемите со кои се соочуваат во тој процес.

На конференцијата беа иницирани повеќе прашања од областа на работничките права, дали воопшто може да се зборува за нив кога праксата покажува дека не се почитуваат ниту елементарните права на работниците гарантирани со законот за работни односи, и колку синдикалното организирање е силно за да биде активен учесник во уредувањето на социјалниот дијалог.

Во Македонија веќе една година функционира механизмот за мирно решавање на работните спорови, со лиценцирано 41 лице како арбитар во тој процес. Во рамки на постапувањето досега се процесуирани четири предмети, од кои два се со позитивен исход, еден негативно и еден е во фаза на решавање.