Преку гарантен фонд ќе се стимулира кредитирањето фирми

26

evra-pari1Преку компонентата гарантен фонд од регионалниот проект Платформа за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан, што денес беше презентиран пред банкарскиот сектор во државата, банките ќе бидат стимулирани да го зголемат кредитирањето на компаниите.

Вкупаната вредност на проектот е 145 милиони евра, а за компонетата гарантен фонд се предвидени 20 милиони евра. Доколку македонските фирми понудат квалитетни проекти преку комерцијалните банки, очекувањата се да добијат 20% од предвидените пари за кредитирање.

“Станува збор за гарантна шема со која на банките што ќе аплицираат за овој инструмент кај Европскиот инвестициски фонд им се дава определен вид заштита во случај на загуба на пласманот на кредит со поделба на ризикот. Доколку дојде до невраќање на кредитот од страна на некоја компанија, дел од настанатата штета би била покриена од страна на Европскиот инвестициски фонд, со што се овозможува на оние банки и мали и средни компании кои имаат добар проект, но немаат соодветен начин на гарантирање на заемот, да пристапат до овој заем”, изјави по презентацијата на проектот вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Toј додаде дека ефектот ќе биде мултиплициран, односно со почетните 20 милиони евра обезбедени за покривање гаранции се очекува од страна на банките да бидат пласирани над 110 милиони евра, а можеби и повеќе.

Според Пешевски, за износот што би можеле да го добиеме нема ограничувања, но треба да бидеме задоволни со 20%.

Според претседателот на Здружението на банкарство, Ѓорѓи Јанчевски, станува збор за доста интересна кредитна линија која ќе помогне за развој на малите и средните претпријатија.

“За нас банките е доста интересно затоа што има форма на поделба на ризикот. Дел ќе биде во пари, а дел во форма на гаранции. Во секој случај се работи за нов продукт, за кој според првичните сознанија ценовната  политика ќе биде доста ниска и мислам дека ќе има голем интерес од претпријатијата во Македонија”, изјави Јанчески.

Проект Платформа за развој на претпријатијата и иновации за Западен Балкан се состои од четири компоненти со вредност од 145 милиони евра, но, според Пешевски, се планира во иднина тој износ да биде зголемен неколкукратно. Покрај гарантниот фонд, платформата содржи фонд за иновации, со вредност од 40 милиони евра за тие што планираат да инвестираат во мали и новоосоновани компании насочени кон иновации, фонд за експанзија, со вредност од 80 милиони евра за поддршка на понатамошниот развој на веќе формирани и развиени компании, како и компонента за техничка помош од 5 милиони евра.

Пешевски информира дека Владата спроведува и други проекти за поддршка на малите и средни претпријатија, како што е фондот за  иновации што треба да стартува наесен. Законската регулатива е веќе усвоена, а сега се работи на подготовка на целокупната документација неопходна за функционирање на тоа тело.