Преку системот на Пакомак собрани над 9.227 тони амбалажен отпад за рециклирање

13

p2Со завршувањето на фискалната година, компанијата Пакомак ги сумираше постигнатите резултати од работењето во 2013 година. Уште во септември 2013, Пакомак успеа да ги исполни националните цели во однос на Законот за управување со пакување и со отпадот од пакување предвидени за таа година. 2013 година е завршена со собирање на над 9.227 тони амбалажен отпад којшто беше однесен на преработка и рециклирање!

Пакомак во 2013 година заклучно со декември, преку својата инфраструктура и своите соработници организираше селективно собирање на отпадот, кој потоа беше однесен на рециклирање. Најмногу е собрано хартија (4.246 тони), пластика – 3.560 тони, потоа стакло 1.354 тони, 243 тони метал и 65 тони дрво. Овие податоци покажуваат дека преку системот на Пакомак бил собран за 18% повеќе амбалажен отпад во однос на резултатите остварени во 2012 година, кога преку Пакомак беа лиценцирани над 40.000 тони отпад од пакување, а беа собрани и рециклирани над 7.500 тони.

Кон системот на Пакомак во 2013 година се приклучија нови 50-тина компании, со што бројот на компании-членки на Пакомак достигна повеќе од 680 компании, кои генерираат околу 40.000 тони амбалажен отпад годишно. Тоа се компании кои се општествено одговорни и кои покажуваат принципиелност во поглед на зачувувањето на животната средина. Пакомак останува најголем колективен систем за управување со отпад од пакување во земјава.

p1Пакомак минатата година инвестираше во развој на комунална инфраструктура за селективно собирање на отпад во поголемите градови и склучување договори со јавните комунални претпријатија со другите општини, како и продлабочување на соработката со своите бизнис-партнери. Со посредство на Пакомак, во октомври 2013 градот Виена му донираше на град Скопје два камиони за чистење и собирање отпад и еден камион за чистење снег. Пакомак истиот месец донираше и 20 контејнери и еден камион за собирање отпад на општина Тетово, со цел систематско решавање на долгогодишниот проблем со управувањето со отпадот во Тетово.

Продолжи и еко-акцијата на Пакомак во скопските основни училишта, во соработка со локалните самоуправи. Во 2013 година се приклучија уште три нови скопски општини, со што вкупната бројка на општини вклучени во овој проект е шест. Истовремено акцијата се прошири и во основните училишта во општините Охрид, Битола и Штип. Оваа акција во 2012/2013 година беше успешна и беа собрани над еден милион пластични шишиња или 26 тони пластичен отпад. Оваа година, со проширувањето на акцијата, целта е да се соберат два милиони пластични шишиња или 52 тони пластичен отпад.

Пакомак се јави како поддржувач на различни манифестации и настани каде се комуницираа бенефитите од одделното собирање и рециклирање на отпадот. И за наредната 2014 година е предвидена уште помасовна поддршка на акции и настани од јавен карактер, со цел повеќе да се влијае на грижата за животната средина и подигнување на еколошката свест, што за крајна цел има подобрување на целокупниот квалитет на живот на граѓаните.