Преку субвенции до плаќање на туристичка такса во Охрид

29

Со цел зголемување на приходите на општината остварени преку подобрување на наплатата на туристичка такса, но и поголем увид во бројот туристи што се сместуваат во помали сместувачки капацитети, Советот на општина Охрид донесе одлука за усвојување Правилник за субвенционирање на туристичката такса на вршителите на угостителска дејност од мал обем.
Правилникот истовремено го уредува и начинот на субвенционирање, согласно кој преку однапред утврдена процедура, односно преку комисија за утврдување на субвенциите ќе врши враќање на средствата во висина до 50% од уплатените пари на име туристичка такса.
“Правилникот за субвенционирање на туристичка такса долго време беше најавуван, но сега првпат се донесува. Веруваме дека оваа реформа ќе донесе многу средства во буџетот на општината. Ние и претходно максимално ја подобривме наплатата на туристичката такса, веруваме дека сега ќе ги стимулираме сите оние кои до сега на извесен начин го избегнувале плаќањето на таксата”, истакна секретарот на општината Димитар Спасески.
Согласно одредбите од правилникот, субвенции можат да остварат сите физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем кои се регистрирани во регистарот на физички лица кои вршат угостителска дејност од мал обем и поседуваат решение за Упис, решение за извршена Категоризација на сместувачкиот објект (не постаро од три години), водат книги за евиденција на домашни и странски гости заверени во МВР (не постари од три години), поседуваат договор со туристичка агенција или туристичко биро и уплатница за извршена уплата на средства од наплата на такса за привремен престој.