Прелиминарна квота на транспортни дозволи меѓу Македонија и Србија

35

На состанокот на мешовитата комисија за меѓународен превоз на патници и стока меѓу Македонија и Србија што се одржа во Белград, потпишан е протокол со кој е договорено за годинава да се размени дополнителна квота од 50 дозволи за и од трети земји, пишува Миа.

На состанокот е договорена и прелиминарната квота на дозволи за превоз на стока за следната година, билатералниот и транзитниот превоз на стока за еколошки возила да биде либерален, односно без режим на дозволи, како и да се разменат 5.000 билатерални дозволи за нееколошки возила, 5.000 транзитни дозволи за нееколошки возила, како и 300 дозволи за и од трети земји.

Мешовитата комисија се договорила веднаш да почне постапка за измена на Спогодбата за меѓународен патен сообраќај меѓу Република Македонија и Република Србија каде ќе се предвиди целосна либерализицаија на билатералниот и транзитниот превоз на стока за нееколошки возила, односно да се врши без режим на дозволи, како и либерализација на наизменичниот превоз на патници.

Текстот на спогодбата се очекува да биде усогласен во септември или октомври годинава и да стапи во сила најдоцна до почетокот на следната година.