Премин од “каубојска доба“ во вселенски брод – што е циркуларна економија и зошто е важна?

128

Кога Европската комисија, непосредно пред пандемијата на коронавирус, го усвои Акциониот план за циркуларна економија на 11 март, беше голема победа за сите оние кои со години се бореа да го вклучат овој термин во агендата на Стариот континент. Но, битката започна многу порано.

Следната борба допрва треба да дојде – додека Европа, САД и Азија префрлаат отпад од еден двор во друг, океаните се задушуваат во микропластика, ресурсите немилосрдно сетрошат, а часовникот отчукува.

Циркуларната економија е систем што се обидува да го помири економскиот раст со заштитата на животната средина, имајќи ги предвид ограничувањата на ресурсите. Акцентот е ставен на тоа ресурсите да се користат што е можно подолго, преку дизајнирање на производи што ќе овозможат нивна долговечност, деловни модели како што се споделување, повторна употреба, поправки и на крајот рециклирање.

Така се затвора круг во кој скоро ништо не е отпад. Затоа се вели дека циркуларната економија е спротивна на денешниот, линеарен систем којшто функционира според моделот “земи, употреби, фрли“.

Во извештајот за 2015 година на Фондацијата Елен МекАртур стои дека само во Европа, транзицијата кон циркуларна економија може да додаде 900 милијарди евра на бруто домашниот производ до 2030 година, да ги зголеми приходите на домаќинствата за 3.000 евра годишно и да ја преполови емисијата на јаглерод диоксид.

Од вселенски брод до правна рамка

Не постои еден автор кој може да се нарече татко на циркуларна економија, туку еден од првите што зборуваше за тоа, иако тој не го нарече тоа, е Кенет Болдинг. Во 1966 година, американскиот економист повика на премин од експанзионистичка “каубојска економија“ во која нема ограничувања во однос на потрошувачката на ресурси во “економија на вселенски брод“ во која сè постојано ќе се рециклира.

Во седумдесеттите и осумдесеттите, економистите почнаа да зборуваат за потребата од производи што траат подолго, за важноста на продажба на услуги наместо производи и за спречување на создавање отпад, пишува Kamatica.

Денес, Европската унија е призната како лидер во политиката за циркуларна економија Пакетот мерки во оваа област беше усвоен од Европската комисија во 2014 година, а првиот план една година подоцна. Ова беше проследено со четири законски регулативи за отпад, стратегија за пластика и најавените цели за рециклирање на 65% од комуналниот отпад и 75% од отпадот од пакување до 2030 година.

Фото: Pixabay