Премногу се грижите? Останете во сегашноста и не претпоставувајте!

33

grizi

Фото: Pexels

Грижите, за жал, се неизбежен дел од животот. Лоши работи ќе се случуваат и природната човечка реакција е да размислува за негативните последици што потенцијално можат да се појават. Грижата ретко е продуктивна, бидејќи најчесто во мислите се произведуваат најлошите сценарија. Истражувањата на психолозите не можат со сигурност да покажат кои луѓе имаат предиспозиции за загриженост, меѓутоа постојат типови на личности што се загрижени повеќе до другите. Но, дури и да сте загрижени, вие не сте осудени. Постојат стратегии што се користат за да се запре процесот. Прочитајте кои се тие:

Фокусирајте се на сегашноста

Најголемата разлика меѓу луѓето што се загрижени и тие што не е се, е можноста да останат присутни во сегашноста и да не се оптеретуваат со работи што се уште не се случиле. Постои синџир на загриженост – оној што е загрижен размислува за “што ако“, што понатаму наметнува друго “што ако“ и така се заплеткува во сопствената мрежа на негативни мисли. Луѓето што не се загрижени се во можност да гледаат на проблемот и да го препознаат решението што е потребно да се имплементира. Загрижените луѓе не можат да постават таква дистанца, бидејќи нивниот мозок работи многу побрзо и проектира слики за иднината.

Станете свесни за своите мисли

Да останете присутни во сегашноста е од фундаментално значење за загриженоста на личноста. Помага да го тргнете фокусот од хипотетичките прашања што можат да се развијат понатаму. Ќе ви го задржи фокусот на “овде и сега“ и ќе ви помогне да станете свесни за своите мисли.

Преземете поголем ризик

Луѓето што многу се загрижени имаат проблем со донесувањето на одлуки, потребно им е повеќе време зошто се заробени во потенцијално негативните исходи. Личностите што помалку се грижат се спремни повеќе да преземат ризик и да ги тестираат солуциите, дури и ако е можен негативен исход. Исто така, тие се пофлексибилни на начинот на којшто размислуваат и не заглавуваат во негативните мисли.

Имајте чувство за перспектива

Личностите што не се загрижени се во можност да се дистанцираат од ситуацијата со цел да можат да добијат чувство за перспектива. Една од методите за да се постигне ова е да се замислат сите најлоши можни сценарија и тогаш да евалуирате која е веројатноста тие да се случат. Исто така можете да употребите и друга стратегија за да се здобиете со песпектива – користете го сопственото име наместо “јас“ кога се однесува на вашите чувства. Кога ќе зборувате за себе во трето лице, ќе добиете подобро чувство за перспектива.

Најдете го коренот на вашата загриженост

Најголемиот проблем кај загрижените луѓе е што тие ја губат контролата и не ја согледуваат вистински ситуацијата. Затоа од голема важност е да се открие што е вистинскиот проблем и да го запреме процесот на загриженост. Најважно е да се фокусирате на моменталниот проблем, а не на проблемите што ќе настанат од него, бидејќи тие се уште не се случиле. Важно е да не се генерализираат проблемите.

Одредете време за загриженост

Една од причините што луѓето континуирано се загрижени е затоа што мислат дека на проблемот мора да се најде решение веднаш и дека треба да антиципираат и да се борат против исходот. Тоа им го одзема целото внимание без разлика каде треба тоа да се насочи, дали треба да работат, да им посветат внимани на своите деца и брачни партнери. Наместо тоа, можете да ја примените стратегијата наречена “столче за грижи“. Резервирајте 15 минути во денот кадешто ќе размислувате и ќе се грижите само за проблемот. Немојте да бидете загрижени надвор од тие 15 минути и секогаш правете ја сесијата на истото место, секој ден. Сето тоа ќе ви помогне да не бидете загрижени цел ден, бидејќи ќе размислувате за тоа подоцна на столчето за грижи. На тој начин ќе можете во текот на денот да го посветите вашето внимание на обврските и другите активности, наместо цел ден да бидете загрижени за проблемот.

Имајте самодоверба

Загрижените личности не само што генерираат идеи за тоа што може да тргне во погрешен правец, туку тие исто така имаат недостаток на самодоверба во решавањето на ситуацијата. Иронијата е во тоа што загрижените луѓе поминуваат многу време во размислување на најлошите сценарија, а сепак имаат мала способност за справување со нив. Личностите што не се грижат ја поседуваат способноста и самодовербата, дека кога нешто лошо ќе се случи, тие едноставно ќе се справат со тоа.

Гледајте на позитивната страна од нештата

Во секоја ситуација има позитивно нешто, но тоа треба да успеете да го видите. Луѓето што се помалку загрижени се способни да ја видат позитивната страна дури и од најнегативниот исход на ситуацијата. Лекцијата што ја нуди секоја ситуација, е најголемата придобивка.

Поставете си ги вистинските прашања

Загрижените личности можат да се справат со ситуацијата, ако си ги постават вистинските прашања. Дали е ова мој проблем? Дали ја имам контролата над проблемот? Дали направив се што можев? Дали е неизбежно моменталното решавање? Доколку одговорот е не, тогаш нема потреба да се грижите за тоа сега.

Справете се со негативните емоции

Најчесто хронично загрижените луѓе не можат да ги прифатат своите емоции, што значи дека се нетолерантни во неизвесноста и негативните емоции не ги прифаќаат. Затоа треба на негативните емоции да се прифатат како такви и да се открие нивниот извор. Дали тоа е незадоволството од врската со партнерот, работата, неплатени сметки или потребата за внимание? Треба емоциите да се користат како информации што ќе ни помогнат во донесувањето на одлуки.