
Цените на акциите на технолошките компании нагло паднаа на Волстрит во четврток, бидејќи деловните извештаи од неколку од нив повторно ги разгореа стравувањата од последиците од трката за трошење пари за развој на вештачка интелигенција.
Индексот Dow Jones доби за 0,02 проценти, на 52.867 поени, но S&P 500 падна за 1,21 процент, на 7.663 поени, а Nasdaq за 2,60 проценти, на 26.008 поени.
Најголемиот дневен пад на Nasdaq од почетокот на јуни е резултат на силниот притисок врз технолошкиот сектор, бидејќи инвеститорите повторно се прашуваат колку од огромните инвестиции во развојот на вештачката интелигенција ќе се исплатат на крајот.
И покрај подобрите од очекуваните квартални резултати, цената на акциите на „Мета Платформс“ падна за седум проценти. Компанијата ги зголеми планираните инвестиции во вештачка интелигенција и објави нова класа акции без право на глас, што треба да ѝ помогне да го финансира скапиот развој на вештачката интелигенција.
„Мета“, исто така, го објави својот прв негативен слободен паричен тек по повеќе од една деценија во третиот квартал, дополнително поттикнувајќи ја загриженоста на инвеститорите за трошоците за развој на вештачка интелигенција.
Од друга страна, цената на акциите на „Тесла“ падна за 3,1 процент, иако производителот на електрични автомобили неочекувано постигна позитивен слободен паричен тек и го намали својот план за капитални инвестиции за оваа година.
Акциите на производителите на чипови повторно беа под најголем притисок. Индексот PHLX на тој сектор падна за 6,7 проценти, што е неговиот најголем дневен пад од 23 јуни.
Индексот на производителот на чипови сега е повеќе од 26 проценти под рекордно високиот максимум достигнат во јуни, иако сè уште е во пораст за повеќе од 50 проценти од почетокот на годината.
„Ова е добар ден за Волcтрит. Единствениот сектор што нагло падна беше технолошкиот, кој се сметаше за златна вена на пазарот до некаде во јуни. Инвеститорите почнуваат да сфаќаат дека има некои дупки во приказната за вештачката интелигенција. И ова имаше големо влијание врз S&P 500 и Nasdaq бидејќи тие индекси во голема мера зависат од технолошкиот сектор“, објаснува Пол Нолте, стратег во Murphy & Sylvest.
Сезоната на објавување на заработките за третиот квартал е во полн ек. Досега, 111 компании од индексот S&P 500 ги објавија своите резултати, а 83 проценти од нив ги надминаа очекувањата на аналитичарите, покажуваат податоците на LSEG.










