Препорака на ЕК: Патувањата во ЕУ да бидат дозволени за вакцинирани

66

Европската Комисија излезе со препорака да им се дозволи на странските државјани кои биле целосно вакцинирани против Ковид-19 и доаѓаат од земји каде епидемиолошката состојба е поволна, да влезат во Европската унија без дополнителни ограничувања. Од таму велат дека секој кој примил доза на вакцина препорачана од ЕУ, да не биде цел на било какви рестрикции.

“Идејата на препораката е дека некој кој ја примил препорачаната доза од ЕУ дозволена вакцина 14 дена пред влезот во ЕУ, да не биде цел на рестрикциите за патувања и да може да влезе во ЕУ, доколку ги исполнат сите други услови. Ова може да биде продолжено и од земји-членки кон вакцини кои се дел од листата на СЗО“, рече Адалберт Јанз, портпарол на ЕК.

Сепак, од таму велат дека со цел да се ограничи увозот на нови варијанти на коронавирусот, Комисијата предлага и “рачна сопирачка“ што ќе овозможи брзо воведување на ограничувања за патувања доколку се влоши здравствената состојба во некои земји.

“Кога ќе ја примениме оваа задолжителна кочница кон одредена земја, тогаш идејата за ова е дека степенот на загриженост нема да биде целосно подложен на ефектот од вакцините на ист начин како и соевите кои ги познаваме и во тој случај дури и вакцинираните лица ќе бидат подложни на рестрикциите за патување доколку доаѓаат од одредена земја подложна на “рачната сопирачка“, рече Јанз.

Земјите членки на Европската Унија треба да започнат со дискутирање на овој предлог утре и треба да се постигне целосен договор со цел предлогот да биде усвоен и да стане важечка регулатива.

Фото: Pixabay