Преспанските земјоделци очекуваат род од околу 130.000 тони јаболка

24

Преспанските земјоделци очекуваат род од околу 130.000 тони јаболка, пишува Миа.

Според Науме Таскоски член на Управниот одбор на Здружението на овоштари во Ресен Благој Колтароски, имало мал пад на цената, што предизвикува незадоволство кај овоштарите.

“На почетокот цената беше задоволителна. Откупот почна со 23 денари за црвен и златен делишес и за другите сорти, а ајдаретот се откупуваше за 15 денари. Последниве денови цената падна на 18 и 16 денари за црвен и златен делишес, а ајдаретот се откупува за околу 12 денари. Сметам дека таа цена не е соодветна бидејќи не ги покрива основните трошоци што ги вложуваат земјоделците во својата работа“, вели Таскоски.

Намалената цена, смета дека се должи на понудата и побарувачката на глобално ниво.

– На европско и светско ниво имаме поголема продукција на јаболка, но тоа не е единствена причина. Причина во падот на цените е во малиот број фирми заинтересирани за откуп на преспанското јаболко што доаѓаат однадвор, истакна Таскоски.

Тој очекува стабилизирање на пазарот со активирањето на откупно дистрибутивниот центар Ејпл ленд каде на едно место ќе бидат складирани околу 5.000 тони јаболка.

Речиси половина од годинашниот род на преспанското јаболко е собран и доколку послужат временските услови до крајот на месецов или почетокот на идниот овоштарите очекуваат бербата целосно да заврши.