Претприемачот треба да умее да ја предвиди иднината

47

2

Која е целта на планирањето? За една компанија да се расте и да се развива треба сите вработени да се движат во иста насока. Тоа не може да се направи без стратешки цели, односно без планирање.

Ова беше потенцирано од Васко Карангелески, сопственик и директор на КА Групација, на средбата за размена на искуства на тема Подготовка на компанијата за раст и развој, што вчера се одржа во просториите на ЦЕЕД Македонија.

Кога планот е конкретен и јасен, можеме подоцна да увидиме дали и колку сме ги постигнале целите, каде сме направиле грешка, што треба да промениме и во која насока треба да се движиме за да ги исполниме целите. Бизнис план можете да направите и сами, но сепак потребно е да го види некој од страна, како (потенцијални) клиенти, вработени, консултанти…

На средбата беа отворени повеќе прашања за кога и како еден претприемач треба да ја подготви својата компанија за развој. Освен што треба да се има јасна визија, треба да се внимава на неколку клучни точки кога се планира бизнисот.

“Претприемач е оној кој што може да ја предвиди иднината, а потоа сознанијата да ги пренесе на другите. Претприемачот ги гледа можностите и има визија што честопати наидува на негативни коментари од околината. Токму тоа треба да се искористи, да се отфрли тоа што не е добро и да се примени некој совет.  Понекогаш малите промени можат да дадат големи резултати”, рече Робин Зимбаков, основач, директор и ко-сопственик на Солопром.

Според него, секоја компанија треба да има општи определби и култура, односно каква сакаме таа да биде и во каква форма ќе ја претставиме на пазарот. Во бизнис планот треба да се вклучени сите сегменти, од производство и маркетинг, па сè до продажба, финансии и производи. Растот и развојот на една фирма е еднаков на нејзиниот опстанок. Во време кога промените се случуваат секојдневно, од клучно значење е да се делува и да се планира брзо.