Претприемништво фокусирано на можности

484

biznis-plan-pixabay

Фото: Pixabay

Сè повеќе и сè почесто се сретнуваме со поимот Претприемништво на можности, поточно Претприемништво фокусирано на можности (Opportunity – based Entrepreneurship). Бидејќи е актуелна оваа проблематика, односно претприемничка доктрина, а и беше предмет на моја детална разработка уште во 2009 година, да се обидам накратко да ја претставам, а што упатува на откривање, вреднување и искористување на можностите во деловниот свет.

Претприемништвото фокусирано на можности, како интегративен пристап кој го поврзува претприемништвото со креативноста и иновациите и придонесува до тоа да се препознае светот како средина богата со можности, претставува суштинска детерминанта на претприемничката активност, пристап кој ги иницира и обединува сите претходно јасно определени и дефинирани карактеристики на претприемништвото во целост.

Така, претприемништвото се дефинира како функција на претприемачот и можноста – претприемништво = ƒ(поединец, можност), односно натпросечен (претприемнички) профит се остварува кога постои идеално совпаѓање (рамнотежа) на можностите, ресурсите (материјални, финансиски) и тимот.

Препознавањето на светот како средина богата со можности започнува и поаѓа од креативноста. Во жестоко конкурентска, соочена со големи брзини и промени, периоди на експанзија и периоди на рецесија, глобална економија, креативноста не е само значаен извор на изградба на конкурентска предност, но и неопходност за опстанок. Во случај на развивање на креативни решенија за модерните проблеми, претприемачите мораат да се издигнат над сето она што како пракса го применувале порано, односно никогаш не смее да се дозволи да се применуваат “стари” решенија врз нови проблеми и ситуации.

Креативноста генерира нови идеи преку соединување на постојното знаење на различни начини, притоа отворајќи ја можноста за иновации, a може да произлезе од “продорно, пробивно, епохално” размислување  – извлекување на нешто надвор од постојниот контекст и негова примена во новонастанатата ситуација. Притоа, се користат туѓите идеи како стимуланс кој ја поттикнува и развива сопствената идеја. Креативноста најчесто води до иновација, која како специфично оружје, односно средство со чија помош се користи промената како можност за извршување на различни производствени или услужни активности, не е можна сама по себе, доколку изостанува еден фактор кој е основниот двигател на иновацијата. Тој фактор е претприемачот. Централната фигура во процесот на иновациите, претприемачот, е оној кој ги воведува и искористува истите.

Иновациите се единствениот начин малиот бизнис да се издвои од конкуренцијата и да оствари значителен пазарен удел, а преку тоа и осигурување на сопственото постоење. Голем дел од иновациите кои извршиле револуција во производството и услугите се резултат на напорот на малите бизниси, односно производ на претприемачи кои едноставно имале визија дека нештата можат да се направат и на поинаков начин од вообичаениот. Два неопходни предуслови за иновирање се: поседување на креативен потенцијал и обезбедување на ресурси за маркетирање на инвенцијата, односно реализирање на идејата како производ на умствената способност на претприемачот.

Можноста се дефинира како потенцијал за промена, подобрување или предност која произлегува од нашето делување во одредени околности; ситуација во која нови производи, услуги, суровини и методи на организирање можат да бидат воведени и продадени по поголеми цени од нивните трошоци на производство; ситуација во која поединецот може да создаде нов систем на рекомбинација на ресурсите, при што претприемачот верува дека ќе остварува профит; ситуација која веќе постои или која ние ја создаваме, односно ситуација која можеме да ја препознаеме сега или која може да настане во иднина.

Освен како предност или ситуација, можноста може да претставува или вклучува пазарен јаз за производ или услуга; несовпаѓање помеѓу понудата и побарувачката; идна веројатност која може да биде препознаена или креирана; проблем кој може да биде решен; поефективен или поефикасен бизнис процес, систем или модел; нова или постојна технологија или пристап кој досега не бил применет; трансфер на нешто што функционира од една ситуација во друга, на пример, производ, процес или бизнис концепт; артикл или искуство кое луѓето го посакуваат или го сметаат за корисно доколку знаат за истото.

Претприемништвото фокусирано на можности ги сместува луѓето во центарот на претприемничката акција и се концентрира на човечката интеракција во насока на генерирањето на идеи, можности и бизнис потфати. Можностите можат да бидат препознати, откриени или создадени. Доколку постои и понуда и побарувачка, а треба да се изведе само нивно пресретнување и совпаѓање, станува збор за препознавање на можност. Ако постои само понуда, односно само побарувачка и притоа треба да се открие една од страните која недостига пред да се имплементира совпаѓањето, тогаш се говори за откривање на можност. Доколку не постои ниту понуда ниту побарувачка и обете требаат да бидат создадени, но притоа со силна поддршка на иновации, во тој случај станува збор за создавање на можности.

Оттука, круцијално е да се напомене дека само во случај на постоење на побарувачка може да стане збор за постоење на можност, во секој друг случај искористување на дадена ситуација на пазарот не претставува можност, бидејќи не содржи потенцијал во себе за креирање на вредност и остварување на профит.

Претприемништвото фокусирано на можности се заснова врз четири меѓусебно поврзани елементи, овде презентирани накратко, и тоа: лична претприемчивост, креирање и истражување на можноста, планирање за реализација на можноста и делување врз можноста.  

Личната претприемчивост истражува како луѓето учат да работат на претприемнички начин и станат претприемачи, зошто избираат можности и како се поврзува учењето со изборот на можностите.

Креирањето и истражувањето на можноста демонстрира како претприемничките можности можат да бидат создадени, идентификувани и развиени низ процесот на истражување на можноста, истовремено вклучувајќи и аналитички пристап кој прикажува како можностите можат да бидат вреднувани и оценети.

Планирањето за реализација на можноста се фокусира на видот на организација кој е неопходен за да се реализира можноста, како и елементите на планот на можноста (потфатот), односно етапите за нејзина реализација.

Делувањето врз можноста покажува како да се делува врз можноста преку имплементирање на планот на потфатот и примената на вештини на претприемнички менаџмент и стратешко размислување, но и како знаењето за критичните фактори на успехот и начините за избегнување на причините за неуспех можат да бидат применети во раните фази на бизнис потфатот. Со еден збор, делувањето врз можноста го преточува планот на потфат за дадената можност во акција.