Претседателот на ФЕД: САД се далеку од економско закрепнување

25

Економското закрепнување на САД е далеку од завршено и може да се претвори во спирала на опаѓање ако нема ефективна контрола на коронавирусот и поддршка за раст, предупреди претседателот на Федералните резерви (ФЕД) Џeром Пауел, повикувајќи на поголема помош за компаниите и домаќинствата.

Тој истакна дека дури и ако заздравувањето едноставно се забави премногу, тоа може да доведе до “трагични“ последици за луѓето во послаба финансиска состојба и до продлабочување на нееднаквоста.

Во таква ситуација, рече тој, официјалните лица треба да преземат ризик да дадат повеќе, не премалку, на оние на кои им е потребно, индиректно повикувајќи ги членовите на Конгресот и администрацијата на претседателот Доналд Трамп да целат кон поголема сума во нивната дебата за тоа колку повеќе пари да потрошат за да се помогне на домаќинствата и компаниите, пренесува Ројтерс.

“Премалата поддршка ќе доведе до млако закрепнување, создавајќи непотребни тешкотии за домаќинствата и деловните субјекти. Ризиците од прекумерна поддршка засега се чини дека се помали. Дури и ако на крајот се покаже дека мерките за поддршка се поголеми отколку што е потребно, тие нема да пропаднат. Закрепнувањето ќе биде посилно и побрзо“, додаде Пауел.

Фото: Pixabay