Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ и Skopje Design Week, ќе ја претстават компанијата – производител на слатко од земјава, за која ќе биде изготвен првиот проект за брендирање на автентични национални производи.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине! и Skopje Design Week, во соработка со Македонската Асоцијација на Преработувачи (МАП) на 20 јуни ги објавија критериумите за домашните производители кои ќе можат да учествуваат во проектот за брендирање на македонското слатко.
Проектот предвидуваше избор на една компанија од Република Македонија – производител на слатко за која млади дизајнери од земјава ќе изготват идеен проект за брендирање на производ или серија производи кои компанијата ги има во својот асортиман или планира да ги лансира на пазарот.
За учество во овој проект компаниите требаше да имаат седиште, производство и пласман во Република Македонија, да се компанија со доминантен домашен капитал, во својот производствен асортиман да имаат производ – слатко за чие производство користат суровина – овошје од претежно домашно производство и да бидат подготвени да ги имплементираат идејните решенија за новиот бренд со тоа што производот или серијата производи ќе ги направат достапни за потрошувачите преку домашната малопродажна мрежа, како и можност за извоз на странските пазари.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – Браво сине! и Skopje Design Week во текот на јули годинава се очекува да објави и отворен повик за млади дизајнери кои треба да изработат идејни решенија за брендирање на автентично Слатко од Македонија.
Целта на проектот е поттикнување на креативниот потенцијал на младите во функција на економскиот развој на земјата, преку брендирање на автентични национални производи.