Презентиран труд на сесија на Клубот на истражувачи на НБРМ

20

На 23-тата сесија на Клубот на истражувачи на Народна банка на Република Македонија беше презентиран трудот Комуникација на монетарната политика: резултати од анкетно истражување од авторот Неда Поповска – Камнар.

Трудот прави оцена на степенот на комуникација и транспарентност на централните банки во Централноисточна и Југоисточна Европа. Анализата е заснована врз резултатите од Анкетата којашто беше спроведена во 2015 година и во којашто учествуваа 15 централни банки (вклучувајќи ја и Европската централна банка).

Според резултатите од Анкетата може да се заклучи дека централните банки посветуваат големо внимание на начинот на којшто известуваат за своите одлуки и политики. Сите централни банки ги објавуваат целите и одлуките на монетарната политика што ја спроведуваат. Соопштенијата коишто ги објавуваат во јавноста, се прецизни и јасни, при што посебно внимание ѝ се посветува на нивната содржина, со цел да бидат опфатени сите информации коишто ќе помогнат за појасно дефинирање на причините за нивните одлуки. Централните банки, исто така, редовно ги презентираат своите економски проекции, и на тој начин успешно испраќаат сигнали за економските очекувања до пазарните учесници. Последната глобална финансиска криза ја наметна потребата за поактивна комуникација помеѓу централните банки, банките и пазарот и за таа цел, дел од централните банки спроведоа промени во начинот на кој известуваат за својата монетарна политика.

Трудот, како што се наведува, дава јасна слика за главните сегменти на процесот на комуникација на централните банки и важноста од јасна и соодветна транспарентност.