Презентирана последната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи

25

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска пред членовите на Економско-социјалниот совет ја презентираше последната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, а со кој се регулира денот недела да биде ден за неделен одмор.

Последното предлог законско решение резултираше после широка дебата во општеството, со синдикатите, со претставниците на коморите, на работодавачите, но и после сеопфатната дебата што се одвиваше во јавноста воопшто.

За работната верзија на предложеното законско решение покрај вицепремиерот Фатмир Битиќи и членовите на ЕСС, свое мислење дадоа и претставници од Државниот инспекторат за труд.

Министерката Шахпаска објасни дека во ова решение се сублимирани повеќето од забелешките што изминатиот период ги дадоа претставници и на работниците и на работодавачите.

“Наша задача е да дојдеме до предлог-закон кој ќе биде прифатлив за сите страни што се дел од социјалниот дијалог. Сметам дека документот за кој дискутираме денеска овозможува најголемиот дел од работниците неделата да ја користат за одмор и за семејството. Секако дека работниците коишто работат во дејности во кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине, поради техничко-технолошки процес и потребата од континуитет, како ден за одмор може користат и друг ден од неделата. Начелно има согласност за носење на вакво законско решение и сите засегнати страни имаат позитивен пристап“, нагласи министерката Шахпаска.

Таа изрази уверување дека преку конструктивна дебата со социјалните партнери ќе се дојде до најдоброто законско решение, со што ќе ја оствариме суштинската цел недела да биде – ден за неделен одмор, односно ден за семејството.

Членовите на Економско-социјалниот совет дискутираа и за тоа дали со исклучоците се опфатени сите дејности кои што не можат да го прекинат работниот процес, бидејќи одредени сектори мора непречено да функционираат.

Членовите на ЕСС постигнаа договор дека на следниот состанок, кој би требало да се одржи во наредните денови, да се решат уште неколку дилеми кои произлегоа од денешната дискусија.