Причините за кршењето на оризовото зрно се уште непознати

40

Причината за огромната кршливост на оризовото зрно што годинава ги затече производителите, се уште не е утврдена. Како што се вели, забележано е преполување на приносот и никакви мерки не би ја надоместиле загубата.

Со снижувањето на откупната цена, од 20 на 12 денари за килограм, преработувачите значително ја отежнуваат состојбата.

Потсекторската група за житни култури денес констатираше дека меѓу потенцијалните фактори што го намалија квалитетот на оризот се примена на одредени агротехнички мерки или некоја група хербициди, како и неупотребувањето квалитетен семенски материјал.

“Се соочуваме со неочекуван проблем за кој причините се непознати. Затоа бараме помош од сите институции кои се во можност да дадат насоки и совет. Претстојат консултации со науката која очекуваме да се произнесе и околу можноста кршливите зрна ориз да се искористат како сточна храна”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Климатските прилики неможат да се земат како фактор со оглед на тоа што во околните земји со слични временски карактеристики, како Грција, Италија, Турција, не е забележана кршливост кај оризовото зрно.

“Ова е проблем што нема решение. Ако приносот е преполовен, може да се преземат низа мерки со кои евентуално само би се ублажил”, рече претседателот на Самостојниот синдикат на земјоделски производители Ставре Јанев.

Јанев смета дека цената на оризот и покрај овој проблем, треба да биде најмалку 18 или 19 денари за килограм. Тој ги обвини трговците преработувачи и за недоволното користење квалитетен семенски материјал од страна на производителите.

Годинава за прв пат е забележан проблем со оризовото зрно во Македонија. Од годинашниот принос на арпа кој достигна 24.000 тони, ќе се добијат најмногу 7.000 тони бел ориз што е за една третина помалку од вообичаените 12.000 до 13.000 тони.

Изминатите пет години површините под ориз се зголемени за 60%, а вкупното производство на оризова арпа за 71%.