Приходи од странски туристи во Хрватска 824,7 милиони евра

Според податоците на Хрватската народна банка, приходите од странски туристи во првиот квартал од годинава изнесуваат 824,7 милиони евра.

Ова е раст од 24,6 отсто во однос на првите три месеци лани, односно приходот бил за 162,9 милиони евра повеќе, пренесува Мина.

Министерот за туризам и спорт Тончи Главина рече дека се задоволни, бидејќи и годинава продолжи трендот на остварување рекордни приходи од странски туристи во изминатите две години.

„Од 2016 година до минатата година кога приходите од странски туристи изнесуваа рекордни 14,6 милијарди евра, бележиме пораст од 75 отсто, а сега овој раст е уште поизразен надвор од летните месеци“, рече Главина.

Тој смета дека ова е потврда за стратешките активности на Владата кои ја позиционираат Хрватска како туристичка дестинација во текот на целата година.

Според неговото мислење, за ова говорат резултатите од претсезоната во која во првите пет месеци од годинава е остварен 12 отсто подобар туристички промет отколку во компаративниот период.