Приходите од патарините за 20 дена повисоки за 35%

20

Пораст од 35% е забележан кај средствата собрани од наплата на патарините од денот кога се вратија старите цени на патарините од 2008 година.

“Ако средствата се зголемени за 35%, а враќањето на цените од пред 2008 години беше некаде од 27% до 32%, имаме зголемување на сообраќајот колку разликата, од 5,9%. Кај регистрацијата имаме зголемување од над 40%, што значи дека доста од граѓаните во овој период ги регистрираат возилата“, рече денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Во модернизацијата на патарините, како што рече тој ќе бидат инвестирани 15 милиони евра.

“Шесте меѓународни апликанти на тендерот за таа намена во втората половина на август треба да достават понуди со цени. Се очекува кон крајот на септември да биде потпишан договор со тој што ќе понуди најниска цена, а веднаш потоа  да се активира одобрениот кредит и реконструкција, што треба да се изврши во период од 18 месеци“, најави Георгиевски.

Од денеска попладне на граничните премини ќе се делат и флаери со карта и преглед на патарините со износот на цените. На флаерот возачите добиваат информација дека наплатните станици во Македонија патарината се наплаќа во денари, евра, или со платежни катрички. За поедноставен и поповолен начин на плаќање на патарините, се предлага на граничниот премин да се изврши замена на девизните валути во денари.

“За оние што сакаат да плаќаат во евра имаме посебна цена бидејќи во неа е внесена провизијата што ја земаат странските банки бидејќи 90% од парите се метални“, рече Георгиевски.