Приклучувањето на Македонија на Јужен тек e во завршна фаза

12

juzen_tek_g11Последното усогласување на договорот за приклучувањето на Македонија кон гасоводот Јужен тек е веќе направено. Се очекува руската страна наскоро да го ратификува, а потоа и македонската Влада.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески го најави ова по промоцијата на проектот за изградба на нов објект на ОУ Глигор Прличев во населбата Железара.

Тој додаде дека штом руската страна ќе го ратификува договорот, истото од македонска Вкада ќе биде завршено за два дена.

Според нацрт спогодбата Македонија во гасоводниот систем ќе биде вклучена со крак, а не како транзит, решение кое според руската компанија било најизводливо и најекономично. За тоа каде од каде ќе поминува кракот дополнително ќе се утврдува.

Гасоводот Јужен тек почна да се гради во декември минатата година. Вкупната инвестиција во проектот изнесува 25 милијарди евра, а гас се очекува да протече во 2015 година. Коридорот долг 3.600 километри под Црното Море треба да ги поврзе руските извори на гас со Југоисточна Европа, независно од Украина.

Јужен тек ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија, а останатите држави ќе бидат приклучени преку краците. Акционери на гасоводот се рускиот Газпром, кој има половина од сопственоста во заедничката фирма, а другата половина ја поседуваат италијанската ЕНИ, француската ЕДФ и германскиот БАСФ.