Приносите на пченка во североисточниот регион зголемени за 60%

20

Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси (кофинансиран од Владата на Швајцарија), Центарот за развој на североисточниот плански регион и Бучен Козјак, денеска го одбележаа драстичното зголемување на приносите на пченка во североисточниот регион со демонстрација на систем капка-по-капка на полето со пченка на земјоделецот Свето Пандиловски во с. Романовце, Општина Куманово. Шеесетте производители на пченка од регионот, кои за прв пат наводнуваа со системи капка-по-капка донирани од УСАИД, успеаа да ги зголемат нивните приноси за 60% (до максимален принос на зрно од 19 тони/хектар). Земјоделецот Свето Пандиловски очекува принос на зрно од 12 т/ха – двојно повеќе од минатата година кога не користел капка-по-капка наводнување.

„Ги охрабрувам нашите кооперанти, но и другите производители на млеко, да инвестираат во капка-по-капка наводнување за пченка. Таквата инвестиција се враќа во истата година, го олеснува наводнувањето, а истовремено ја зголемува заработката“, рече Ненад Станојковиќ, директор за набавки на Бучен Козјак.

Свето Пандиловски е позитивен пример за земјоделците од Романовце, како 24 годишниот дипломиран менаџер Ферат Саити кој од него научил како да одгледува пченка и крави. Саити оваа година се одлучил да ги следи чекорите на Пандиловски и започнал свој бизнис – фарма за производство на пченка и млеко. Тој веќе планира како да го зголеми неговото производство и наредната година ќе аплицира за кофинансирање на систем капка-по-капка од Националната програма 50/50. Саити е пример дека дури и високообразуваните млади во руралните населени места се спремни да се занимаваат со земјоделството доколку имаат позитивни примери и лесен пристап до модерна земјоделска технологија.

Од 2012 до 2015, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси го финансираше поставувањето на системи капка-по-капка на 280 хектари со пченка и сончоглед со цел модернизација на нивното производството. Земјоделците кои ги користеа системите имаа 50% до 100% повисоки приноси од минатите години. Благодарение на нивните добри резултати, производители на пченка и сончоглед од цела Македонија самите инвестираат во оваа технологија и поставија системи капка-по-капка на дополнителни 361 хектари. Дел од овие системи беа кофинансирани од Националната програма 50/50 на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.