Пристигнати 324 барања за субвенции за купување печки на пелети

30

peleti-pixabay

Градот Скопје ја информира јавноста дека на 22-ри овој месец заврши јавниот повик за надоместување дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година (есенска акција). На овој јавен повик, до Град Скопје пристигнаа 324 барања од граѓаните за субвенции за купување печки на пелети, стои во соопштението.

Комисијата, како што се наведува, веќе ги разгледува пристигнатите барања и врши увид на инсталираните печки кај барателите коишто ги исполниле условите наведени во објавениот Јавен повик.

Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на Скопје (домаќинствата) да користат обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, распиша Јавен повик за надоместување дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година, што траеше од 15-ти до 22-ри ноември 2017 година.

Со овој јавен повик, којшто се реализира по принципот прв дојден прв услужен, ќе се обезбеди поврат на средства за купување печки на пелети во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход.

Право на учество на овој Јавен повик имаа жителите на Скопје  (домаќинствата) во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, коишто купија печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот  и поднесоа барање за искористување на правото за надоместок.

На Јавниот повик немаа право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.