Привршуваат подготовките за РобоМАК 2013

24

robomakГодинава по четврти пат ќе се одржи семинарот и натпревар РобоМАК 2013, проект на три организации на техничкиот кампус на УКИМ (ЕЕСТЕК ЛК Скопје, ИЕЕЕ секција Македонија – Студентски огранок и Студентски Парламент на ФЕИТ).

На саемот за роботика, кој ќе се одржи од 12 до 16 март, учество ќе земат околу 80 домашни и 30 странски учесници. Настанот свечено ќе биде отворен во Амфитеатарот ФЕИТ на 12 март со говорите на Деканот на ФЕИТ, Претседателот на ИЕЕЕ, претставници од студентските организации, претставници од Владата на Република Македонија и претставници од поддржувачите на проектот.

Учесниците во текот на курсот ќе учествуваат на предавања, а истовремено ќе работат во меѓународно мешани тимови и ќе ги склопуваат своите роботи, ќе развиваат вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за натпреварот. Во рамките на РобоМАК 2013 предавања ќе одржат истакнати професори и македонски експерти во доменот на роботиката. Оваа година РобоМАК воведува нови категории со нови роботи и внесува модификации во академскиот дел на настанот.

Целата манифестација ќе кулминира на 16 март, кога во Македонската опера и балет ќе бидат прогласени победниците во категориите: Роботска трка/лавиринт, Сумо, Роботска рака, Хуманоид и Кармагедон.

Во рамките на настанот ќе се одржат Винска вечер, на која ќе се промовира винската култура во нашата земја и Интернационална вечер, на која на секој студент – учесник ќе му се овозможи да ја претстави својата земја преку традиционалната музика, кујна и игри.

Подетални информации за настанот може да погледнете на  www.robomac.mk. Aплицирањето трае до 28 февруари.