Продаваат семеен накит за да “закрпат“ финансиски дупки

97

Ланчиња, нараквици, приврзоци, обетки… во скоро секој дом се чуваат во некоја мала кутија, а се купени или добиени за некој важен датум во животот – роденден, крштевка, свадба, јубилеј… Но, кризата принудува многу луѓе да се откажат од накитот, да го продадат како старо злато за дојдат до некој денар во семејниот буџет.

“Добив златно ланче од моите родители за 18-от роденден со приврзок на коешто е изгравиран датумот на раѓање, но заедно со уште малку златен накит што имам дома, морав да го продадам за да можам да ги подмирам трошоците што ги имам. Поради пандемијата, останав без работа, а голем дел од трошоците ми се натрупаа додека да најдам нова работа. Накитот мој има повеќе сентиментална одошто материјална вредност, но немав голем избор“, вели Драгана Б. од Куманово, која живее и работи во Скопје.

Сличен потег како нејзе прават и други луѓе, бидејќи имаат високи трошоци, не се кредитоспособни да земат кредит, па бараат алтернативни начини да ги решат финансиските трошоци.

“И ние ја чувствуваме кризата иако златото важи за добра инвестиција кога не оди баш најдобро. И пред пандемијата откупувавме старо злато, но сега доаѓаат луѓе со цел да дојдат до пари за да си ги платат сметките, за лекување или некоја друга мака“, вели Арбен С. златар од Скопје.

Тој вели дека, освен што откупуваат старо злато, во последно време забележува како луѓето купуваат и златници што им го подаруваат на свои блиски да им се “најдат ако дојдат во криза“.

Фото: Freepik