Проект “вакцина аранжмани“ на руските туристички агенции

58

Туристичката индустрија во Русија подготвува нов проект  “вакцина аранжмани“. Развојот на програмата за специјални чартер летови за групи од 100 и повеќе лица го потврди и рускиот весник Izvestia, како и руската туристичка агенција Intourist.

Според туристичките агенции, постои голема побарувачка за ваква услуга во регионите на Југоисточна Азија и Латинска Америка. Сепак, треба да се решат многу правни прашања за да се почне со проектот. На пример, визите за Русија сè уште не се издаваат, пренесува Спутник.

Дијалогот со властите е започнат. Вирусолозите сметаат дека ваквите патувања се добра идеја бидејќи на тој начин Русија може да стане светски центар на медицински туирзам.

Вакцинацијата на населението почна во повеќе од 50 земји во светот, но сепак има многу места каде што нема вакцина и не е познато кога ќе пристигне.

Странските партнери имаат многу прашања во врска со организацијата на патувањата во Русија за вакцинација, велат од Intourist. Од таму не го наведуваат бројот на барања, но посочуваат дека најголем интерес покажува населението од Југоисточна и Јужна Азија, како и од Латинска Америка. Имало барања и од Европа, но многу помалку. Од етички причини, компанијата одлучи да не зборува за кои земји станува збор.

Фактот што нема вакцина е главната причина зошто жителите на одредена земја сакаат да одат во Русија да се вакцинираат, посочува Intourist. Но, постојат и други причини, на пример, неможност за избор со која вакцина да се вакцинираат луѓето.

“Големиот интерес на партнерите и обичните странски граѓани за вакцинирање со руската вакцина зборува за големата доверба во нашата медицина“, изјави генералниот директор на Intourist, Виктор Тополкарајев.

Подготовка на логистика

Intourist се подготува да одговори на новото барање со создавање програма за специјални чартер-летови со кои групи странци од 100 лица ќе летаат до Русија.

“Ја проучуваме логистиката за транспорт за испорака на странци заинтересирани за вакцинација, преговараме со медицински институции кои се подготвени да обезбедат вакцинација и обезбедуваме понатамошна висококвалитетна поддршка за организирани групи на странски државјани, работиме со хотелски објекти заинтересирани за долгорочно сместување за најмалку 25 ноќи за поминување на двете фази на вакцинација“, рече Тополкарајев.

Од први јануари 2021 година Русија е отворена за влез на граѓани од повеќе од 50 земји. Тука спаѓаат Кина, Индија, Индонезија, Мексико, Малезија и многу други. Но, за да ја преминат границата, на странците им требаат електронски визи. Нивното издавање е суспендирано на неодредено време од март 2020 година. Во моментов само високо квалификувани експерти од други земји и нивните семејства имаат дозвола да влезат во Русија без виза.

Од први февруари Русија ги отвори своите граници за земјите од Евроазиската економска унија: Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан. Граѓаните од овие региони ќе можат да влезат во Русија преку териториите на Ерменија и Белорусија со негативен ковид тест.

Оваа идеја за “вакцина-аранжмани“ е прилично добра, смета Павле Волчков, раководител на лабораторијата за геномско инженерство при Институтот за физика и технологија во Москва. Според него, земјата во моментов произведува 1,5 милион дози на вакцина. Следниот месец нивниот број ќе се зголеми на три милиони, па дури и на шест милиони.

“Ова е добар пат за развој. Би можеле да се обезбедат вакцини за сите Руси и да се извадат на светскиот пазар и да се обезбеди подготовка за оние што ќе дојдат во Русија со помош на компании кои ќе бидат вклучени во програмата за “вакцинален туризам“. Така Русија може да стане центар за вакцинација“,вели тој.

Фото: Pixabay