Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски и амбасадорот на Кралството Норвешка во Белград, Нилс Рагнар Камсваг, денеска присуствуваа на промоцијата на новиот проект за отпадни батерии, чија цел е да се поддржи имплементацијата на Законот со управување на батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.
Целта на проектот е исто така да се воспостави одржлив систем во дополнителни 7 општини и да се развие свеста кај граѓаните и младите луѓе за рециклирање на отпадот од батерии.
Проектот ќе се реализира една година во вкупно 7 општини од кои 4 се во Скопје, и тоа Карпош, Ѓорче Петров, Центар и Кисела Вода, како и Прилеп, Штип и Кичево. Проектот ќе овозможи систем за управување со отпадни батерии за 348.128 граѓани, ќе вклучи 76 училишта и директно ќе опфати 15.294 млади луѓе. Проектот е финансиран од Кралството Норвешка, а носител на проектот е младинската еколошка организација Гоу Грин.
Досега се поставени околу 150 канти и колективни постапувачи ОБА рециклирање и Нула отпад имаат собрано околу 4 тони отпадни батерии. Целта е да се соберат 10 за да се обезбеди рециклирање во една од земјите на ЕУ.