Во Скопје денеска беше промовиран проектот за воведување Систем за автоматска локација на возила и систем за електронска наплата во автобусите на јавниот градски превоз.
“Системот овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, односно за секој автобус ќе има една линија на која ќе се следи неговото движење, како и да се добие реална слика за бројот на патниците по категории. Системот, исто така, дава можност за воведување нов тарифен систем и нови типови на билети, односно два типа на картички, преносливи и картички со фотографија. Во прво време истиот ќе почне да функционира согласно со постојниот тарифен систем, но во иднина постепено ќе се премине на нов тарифен систем. Системот за автоматска локација и електронскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 380 автобуси на ЈСП Скопје, а 120 на приватни превозници. Граѓаните ќе можат еден билет да користат возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП“, рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
На автобуските стојалишта, како што се наведува, ќе има над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу две места во градот со користење на јавниот превоз.
Средствата од продажбата на автоматските билети ќе ги добива Градот Скопје, а на превозниците Градот ќе им префрла средства по поминат километар. Имплементацијата ја врши конзорциумот од Македонски Телеком, Маргенто од Словенија и ИКОМ од Бугарија.
За реализација на овој проект, како што се наведува, Градот Скопје ќе издвои околу три милиони евра, а се очекува Системот пробно да почне да функционира во месец август во автобусите на ЈСП, а во приватните автобуси од 1 јануари 2016 година.
На граѓаните, според соопштението, им се нудат два типа на картички: Скопска (пренослива картичка без фотографија) и Моја Скопска (сопствена картичка со фотографија). Граѓаните ќе можат овие картички да ги набават од 8 центри: Бит-пазар, Центар, Порта Влае, Аеродром, Карпош 2 и дирекција на ЈСП (Шумарски факултет и Транспортен центар), ќе имаат на располагање 60 локации за дополнување на картичките, а ќе се постават и 3 самостојни автомати за дополнување на картичките.
Оваа смарт картичка ќе содржи заштитен чип кој ја прави безбедна за користење. Со воведувањето на овој систем, патниците ќе имаат големи придобивки поради навремено добивање информации поврзани со патувањето и тоа за: тековната и следната постојка, како и некои други битни информации во врска со превозот (прекин на одредена линија и слично).
Исто така, на автобуските стојалишта ќе има над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу 2 места во Градот со користење на јавниот превоз.