Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија и ЦЕЕД Македонија ќе доделува сертификати на македонски претприемачи и менаџери

36

1

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, утре, осми октомври, ќе им додели сертификати и благодарници на претприемачи, менаџери и ментори, кои изминатата година беа дел од ЦЕЕД бизнис едукативниот клуб и менаџерските програми на ЦЕЕД Македонија, како и на учесниците во УСАИД проектот за микро и мали претпријатија, а воедно ќе ги промовира новостите и активностите на клубот за следната сезона.

Настанот ќе се одржи во хотел Александар Палас, со почеток во 19 часот и е од отворен карактер за секој кој е заинтересиран за вклучување во глобалната мрежа на ЦЕЕД.

На доделувањето ќе се обрати г-дин Џејмс Стеин, директор на мисијата на УСАИД и г-ѓа Катарина Штокер, заменик директор на мисијата во Швајцарската амбасада.

На свеченото доделување ќе присуствуваат преку 400 претприемачи, сопственици на бизниси, менаџери, претставници на компании, луѓе од светот на бизнисот.

2

ЦЕЕД Македонија игра важна улога во создавањето на успешни бизнис приказни преку вмрежување на учесниците со ментори и претпримачи кои можат да им помогнат во бизнисот, а воедно на претприемачите им обезбедува know-how бизнис решенија преку своите програми, но и пристап до финансии и до нови пазари.

ЦЕЕД Македонија е дел од интернационална мрежа на центри за претприемништво, со канцеларии во 12 земји. За седум години постоење, преку програмите на Центарот успешно поминале 881 претприемачи и менаџери. Повеќе на www.ceed-macedonia.org.