Започнува четвртиот циклус од Владиниот проект Учиме од бизнис заедницата, преку кој планирани се посети на најмалку 150 компании.
Огласот за компании кои сакаат да учествуваат во овој проект денес е објавен во дневниот печат и ќе трае до 5 октомври.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски на денешната прес – конференција информираше дека ефектот на реализација во првите два циклуси е доста голем, односно над 50% од барањата се реализирани.
“Главниот бенефит од овој проект се препознава токму во тоа што голем дел од иницијативите и предлозите на бизнис заедницата допринесуваат во креирање на економските политики на Владата. Имено искуствата покажуваат дека токму врз барањата на бизнис заедницата, донесени се нови стратегии, имплементирани се низа проекти и направени се измени во голем број на закони”, изјави Пешевски.
Вицепремиерот додаде дека проектот овозможува директна комуникација помеѓу Владата и бизнис заедницата.
“Преку директни посети и разговори со компаниите од страна на обучени тимови Владата директно се запознава со предизвиците и проблемите со кои се соочуваат македонските компании во секојдневното работење”, појасни Пешевски.
Посетените компании се од различни области, претежно од металуршката, метало-преработувачката, градежната, хемиската, прехранбената, текстилната, фармацевтската, дрвната индустрија, како и компании од услужниот сектор, претежно од трговија, угостителство и туризам.
Проектот Учиме од бизнис заедницата започна да се спроведува кон крајот на 2010 година, а во изминативе три години посетени се над 400 компании во 34 градови во државата.