Прогноза:ЕЦБ шест пати ќе ја намалува референтната каматна стапка до крајот на 2025 година

17

Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ја намали референтната каматна стапка шест пати до крајот на 2025 година, покажува најновата економска прогноза на експертите анкетирани од Блумберг.

Економистите очекуваат дека ЕЦБ ќе ги намалува каматните стапки за 25 базични поени секој квартал до крајот на следната година, што значи дека нејзиниот циклус на олеснување ќе заврши порано од очекуваното.

Доколку се оствари прогнозата, референтната каматна стапка во еврозоната ќе биде 2,25 отсто во декември 2025 година.

Од друга страна, растот на приватниот сектор на еврозоната запре во јули 2024 година.

Неповолната ситуација во Германија, најголемата европска економија, е товар за остатокот од еврозоната, бидејќи според прогнозата, економијата во оваа земја на крајот на 2024 година ќе порасне за само 0,1 отсто, наведува „Блумберг“.

Управниот совет на Европската централна банка минатиот месец одлучи да ја задржи референтната каматна стапка за операциите за главно рефинансирање на 4,25 отсто, каматната стапка на депозитите на 3,75 отсто и маргиналната каматна стапка на 4,50 отсто.

Инфлациските притисоци во еврозоната и натаму се високи, како и растот на цените во услужниот сектор, а се проценува дека стапката на инфлација и следната година ќе биде над посакуваните два отсто, се вели во соопштението на Европската централна банка.

Монетарната политика ќе продолжи да биде рестриктивна, а Управниот совет на ЕЦБ не се обврзува на конкретно движење на стапките однапред, туку ќе носи одлуки „од состанок до состанок“ врз основа на тековните економски податоци и проценки.