Американската администрација нуди грантови и заеми од 12 милијарди долари за автопроизводителите и добавувачите за обнова на нивните фабрики за производство на електрични и други напредни возила, објави во четвртокот секретарот за енергетика Џенифер Гранхолм.
„Додека преминуваме кон електрични возила, сакаме да се увериме дека вработените ќе можат да преминат на нови работни места, ниту еден работник, ниту една заедница да не биде (заборавена)“, рече Гранхолм, пренесе Ројтерс.
Брзите грантови и други субвенции за финансирање на конверзија на постојните автомобилски погони во електрични возила би можеле да и помогнат на Белата куќа, која веќе некое време беше критикувана од производителите на автомобили и синдикатот на Обединетите авто работници (UAW).
UAW предупреди дека брзата промена може да загрози илјадници работни места во држави како Мичиген, Охајо, Илиноис и Индијана. Минатата недела, членовите на UAW со големо мнозинство гласаа да одобрат штрајк во Детроит доколку не се постигне договор за платите и пензиските планови пред истекот на тековниот четиригодишен договор на 14 септември.
Претседателот на UAW, Шон Фејн, ја поздрави најавата на министерот, велејќи дека јавната политика „јасно им кажа на работодавците дека транзицијата кон производство на електрични возила мора да вклучи силни синдикални партнерства, со високи плати и безбедносни стандарди за кои се бореа генерации членови на UAW“.
Американскиот претседател Џо Бајден во изјавата рече дека „градењето економија со чиста енергија може и треба да обезбеди победничка можност за автомобилските компании и синдикалните работници кои ја граделе американската економија со децении“.
Нема да има посебни барања за зголемување на работната сила за компаниите да добијат средства, но проектите со подобри услови за работа сепак ќе имаат поголеми шанси да ги добијат.