ПроКредит банка – банка фокусирана на аграрот и на потребите на македонските земјоделци

319
naslovna
Емилија Спировска, член на управниот одбор на ПроКредит банка

ПроКредит Банка активно го следи македонскиот аграр, го поддржува неговиот развој и ги наградува македонските земјоделци. Оваа банка за земјоделците нуди посебни услуги адаптирани според нивните потреби и сезоналноста на бизнисот, како кредити за агромеханизација и земјоделска опрема, агро кредити за обртен капитал, кредити за долгорочни инвестиции во земјоделието, кредити за стимул на органско производство. ПроКредит веќе неколку години наназад организира избор на најпроактивни земјоделци. Оваа година ќе организира и агро бизнис форум, на кој на едно место ќе се соберат примарните земјоделски производители, преработувачи на земјоделски производи, земјоделски откупници, здруженија на земјоделци и фармери… Повеќе околу настанот и кредитирањето на аграрот, разговараме со Емилија Спировска, член на управниот одбор на ПроКредит банка.

БИ: Што прави ПроКредит банка за македонското земјоделие? На кој начин го поддржува, како придонесува за развојот на аграрот?

ПроКредит Банка уште од самите почетоци на своето работење нуди финансиска поддршка за агросекторот опфаќајќи ги сите групи – од мали индивидуални земјоделци, до големи земјоделски капацитети, преработувачи и откупци. Процентот на остварена бизнис соработка со овие клиенти изнесува 47,37% во примарното земјоделие, односно 30,26% во секундарното производство. Ова значи дека ние имаме остварено бизнис соработка и дадено кредитна поддршка на речиси половината од примарните производители и на една третина од преработувачите и откупците. Дополнително ПроКредит банка е и единствена банка која овој сегмент го опслужува со посебен фокус и специјализиран кадар. За разлика од остантите банки кои земјоделскиот бизнис не го одвојуваат од остантите бизнис модели, ние го гледаме како посебен и специфичен бизнис модел, различен од услужните дејности, трговијата, транспортот и сл. Во доменот на соработката со примарното земјоделие, можеме да кажеме дека сме банка со големо искуство во работата на терен, директно и непосредно со земјоделците, што ни дава комплетно разбирање на нивните потреби. Тоа е голема предност во поглед на соодветното прилагодување на финансиската услуга токму на потребите и динамиката на македонските земјоделци – прилагодување на рокот на отплата и износот на кредитот според пазарните услови и сезоналноста на овој бизнис, отвореност кон видовите на обезбедување кои се карактеристични за еден земјоделец како што е на пример земјиште во рурална средина, кое многу банки не го прифаќаат итн. ПроКредит постојано проактивно влегува во дирекна дискусија со земјоделците за придобивките и повратот на инвестицијата во потенцијални дејности кои постојано ги следиме. Во таа насока сме и единствена банка која поддржува сертифицирано органско производство кое можеби нема доволно голем пласман на македонскиот пазар, но е развиена гранка на европските пазари. За тоа е потребно видно окрупнување на сегашните капацитети на македонските земјоделци од сите земјоделски гранки, а ние работиме на страната на поддршка на таквите инвестициски планови на агро претприемачите. Во доменот на соработка со секундарното производство – преработувачи и откупци, основната конкурентска предност лежи во нашата специјализираност во финансиската поддршка на малите и средни бизниси. Тоа за еден примарен земјоделец би значело бизнис контакти за пласман на своите производи, а за еден преработувач – банка која вистински ја познава страната на нивните добавувачи. Таквата позиционираност ни дава за право да кажеме дека на агро бизнисмените им нудиме и повеќе од само финансиска услуга. Во таа насока преку регионални и домашни собири за вмрежување помеѓу нашите тековни клиенти, сите тие имаат можност за остварување на бизнис контакти, дополнителен пазар на своите производи, афирмација во земјата и регионот.

1

БИ: Колку македонските земјоделци користат кредити за сопствен развој? Колку од средствата користат за инвестиции, а не како обртен капитал?

Доколку погледнеме ретроспективно низ годините наназад, можеме да кажеме дека се зголемува свесноста кај македонските агро бизнисмени за потребата од инвестиции во современа технологија и иновации. Се почесто се зборува за инвестиции во заштитни механизми – мрежи, ладилници, калибратори, механизација,ефикасни системи за наводнување, нови насади, објекти. Тоа се најчестите развојни потреби кои ги кредитираме. Имено 75%  од вкупно пласираните средства во земјоделието се за поддршка на долгорочни инвестиции, кои ние ги сметаме за клучни во растотот и развојот на еден земјоделец. Таквите инвестиции се основа за поголема конкурентост и на домашниот пазар и во странство.

БИ: Како Банката им помага на земјоделците да ги пласираат своите производи на пазарите надвор од Македонија? Дали имате некаков систем на регионално вмрежување, со оглед на тоа што Прокредит е присутна и во земјите во регионот?

Да, токму таквиот систем ја прави ПроКредит банка поразлична во поглед на услугата кон бизнис секторот. Преку регионални и домашни собири за вмрежување на клиенти, сите тие имаат можност за остварување на бизнис контакти, дополнителен пазар за своите производи, афирмација во земјата и регионот. Такви средби организираме редовно, помеѓу клиенти на ПроКредит Банките во рамки на нашата меѓународна групација. Само оваа година преку 100 македонски бизниси кои се поврзани со земјоделието и прехрабената индустрија имаа можност да оставарат соработка со партнери од Србија, Косово и Албанија преку настани за вмрежување кои ПроКредит ги организира. Дополнително сме присутни на сите релевантни агро настани кои ни овозможуваат да ги следиме сите иновации во агро бизнисот. Нашите клиенти имаат можност да учествуваат на релевантни агро саеми во регионот како што е агро саемот во Нови Сад или на светски реномирани агро саеми како што е Fruit Logistikaво Берлин. Од сето ова произлегува и најголемиот бенефит за клиентите – партнерска и долгорочна соработка во насока на развој на бизнисот.

2

БИ: ПроКредит банка веќе неколку години организира избор на најпроактивни земјоделци. Што ќе се случува оваа година?

Појдовната точка пред три години беше да им се даде признание на земјоделците кои работат и го развиваат македонскиот аграр, а воедно да се даде стимул за развојот на земјоделското производство за сите останати земјоделски производители преку споделување на проактивните практики. Оваа година сакаме да отидеме чекор понапред, да создадеме платформа за заедничка бизнис соработка помеѓу сите релевантни страни во македонското земјоделие – примарни земјоделски производители, преработувачи, откупувачи, здруженија на земјоделци и фармери, како и Министерството за земјоделство. Целта е да отворат нови можности за соработка помеѓу сите поврзани страни во македонскиот аграрен бизнис, да се отвори дијалог за новите Законски промени во земјоделието насочени кон поддршка на земјоделците, да се предочат инвестициите и практиките кои би го направиле овој сегмент поконкурентен. Затоа ПроКредит покрај изборот на најпроактивни примарни земјоделци оваа година приклучува и секундарни производители и откупци. Затоа и организираме самостоен настан- Агро бизнис форум, каде покрај прогласувањето на 10 најпроактивни агро бизниси кои ќе бидат наградени со саемско патување на еден од најголемите агро саеми во Европа – Fruit Logistika во Берлинќе има и отворена дискусија на гореспоменатите теми и можност за остварување на непосреден и директен контакт помеѓу сите присутни. Настанот ќе се случува на 17 декември во ТЦЦ Гранд Плаза Скопје.

БИ: Кои се критериумите според кои ќе бидат наградувани земјоделците?

За наградниот фонд за прв пат оваа година ќе може да се пријават и преработувачи на земјоделски производи од домашно потекло и откупци т.е. извозници на македонски земјоделски производи. Покрај овие две категории повторно ќе бидат наградени и примарните земјоделски производители во категориите на житни култури (површина над 150 декари), раноградинарство (површина на отворено над 15 декари, во оранжерии над 5 декари), долгогодишни овошни насади (површина над 30 декари), сточарство (фарма над 300 грла), сертифицирано органско производство. Сите апликации ќе бидат разгледани од страна на комисија од независни членови според критериуми на: пласман на производи, диверзификација на производство, принос, иновации, сертификати за квалитет.

БИ: Што еден агро бизнисимен може да очекува од агро бизнис форумот?

Настанот е отворен за сите кои имаат бизнис интерес од земјоделието, кои од ваквите собири гледаат можност за бизнис соработка и пласман, како и следење на новости и иновации. Се надеваме дека овој настан ќе изгради традиција и ќе биде еден од најрелевантните случувања за агро бизнисите од Македонија.