ПроКредит ги прогласи и награди најпроактивните агро бизнис практики за 2014

81

DSC_0823

На Агро Бизнис Форумот во организација на ПроКредит Банка, што се одржа вчера, присуствуваа над 200 претприемачи во Македонија – примарни земјоделски производители, претпријатија од прехранбено – преработувачката дејност, откупни центри, добавувачи на опрема, механизација и иновативни системи во земјоделието. Беа присутни и сите клучни институции во македонското земјоделство: Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство г-дин Михаил Цветков, Федерацијата на фармери на Р. Македонија, здруженијата на земјоделци.

Сите релевантни страни во македонското земјоделие беа едногласни – македонскиот агро бизнис има голем потенцијал. За искористување на истиот потребно е постојано вложување во модернизација, иновации и знаење.

“Од нашето долгогодишно искуство во работата со македонските агро бизниси, можеме да кажеме дека се зголемува свесноста за потребата од инвестиции во современа технологија и иновации. Се почесто се зборува за инвестиции во заштитни механизми – мрежи, ладилници, системи за наводнување капка по капка, калибратори, механизација, нови хибридни насади. Тоа се најчестите развојни потреби кои ги кредитираме и тоа е иднината за постигнување на поголема конкурентност, поголем принос, поквалитетен производ и подобра продажна цена на истиот”, изјави Емилија Спировска, член на Управниот Одбор на ПроКредит.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство г-дин Михаил Цветков ја поздрави иницијативата на ПроКредит за вакво здружување на сите релевантни страни во македонското земјоделие и порача дека во иднина банките и министерството уште повеќе ќе работат заедно.

“Очекуваме дека Законот за откуп на земјоделско земјиште, земјоделскиот гарантен фонд, субвенциите за поддршка на сертифицираното земјоделско производство ќе значат можност за окрупнување на македонските земјоделци, како поинтензивна инвестициска активност за модернизација и развој на домашното производство”, изјави Г-дин Цветков.

DSC_0691

Присутните потврдија дека им недостасуваат форми и начини на вмрежување, каде може да се разменат контакти и да се градат нови бизнис соработки. Форуми од ваков тип се одлична можност да се слушнат новостите во земјоделието, да се размени искуство, да се остварат контакти за соработка.

“Во ПроКредит најдов повеќе од финансиска услуга. Ваквиот приод за афирмација и вмрежување е уникатна можност за пробивање на мојот бизнис. За нас секоја информација, споделено искуство, остварен контакт е клучена придобивка за бизнисот. Постојаното следење на трендовите не донесе до нашата иновативна инвестиција – биогас централа која користи суровини од изметот на кокошките, остатоците од преработките на месо, ѓубре од краварски и свињарски фарми од регионов, комињата од винарниците и целосен отпад од земјоделкси производи. Се што за една фарма е трошок, за нас е суровина за проиводство на енергија”, изјави Арбен Абдурахмани, сопственик на Везе Шари, најголем производител на јајца во Македонија, добитник на наградата за иновативни практики во бизнисот.

“Со оваа дејност се занимавам од 2006 година. Почнавме со помали оранжерии во Чашка, потоа се проширивме во Богданци и конечно оваа година купивме оранжерии во близина на Гевгелија на површина од  над 22 хектaри. Над 85% од производството го пласираме со извоз за однапред договорени купувачи. Без инвестиции нема напредок. Нема напредок и без поддршка на истите од страна на банките”, изјави Адем Кочан, Канет Агро, најпроактивен агро бизнис во категоријата раноградинарство.

На настанот беа поделени 14 проактивни практики во следниве категории: примарни земјоделски производители – житни култури, овошни насади, раноградинарство, сточарство и сертифицирано органско прозводство, преработувачи и откупци. На наградените претприемачи ПроКредит им овозможува саемско патување на еден од најголемите агро саеми во Европа – Fruit Logistika во Берлин, каде ќе имаат можност да ги погледнат најновите трендови во агро бизнисот и да оставарат бизнис контакти за меѓународна соработка и можен пласман во странство.

Организаторите – ПроКредит Банка, веруваат дека на ваков начин даваат дополнителен придонес кон поттикнување и поддршка на развојот на агро бизнисот како една од најпотенцијалните гранки во македонската економија.

ПроКредит Банка е лидер во финансиската поддршка за агро бизнис секторот и единствена банка која го обслужува со специјализиран фокус и кадар.

Наградени се следните агро бизнис претприемачи:

Категорија сточарство – Ветеринар

Категорија овоштарство – ГД Тиквеш

Категорија раноградинарство – Канет Агро

Категорија житни култури – ТД ДЗП Клечовце

Категорија органско производство – Агро Нено

Категорија преработувачи на земјоделски производи – Дием ГП, Тргопродукт, Вита Рес

Категорија откуп на земјоделски производи – Орепром-М, Вант

Категорија специјални награди за спроведување на иновативни практики во земјоделието – Везе Шари, ИЗ Роксана, Флора Фреш, Транталовски Пере и Рахаела

Признанија за значаен придонес во македонскиот агро бизнис: Уни Агро, Вини Фарма, Агро Калем, Даал Емилија, Џига Комерц, Божинов Наско, Тони Жежов, Трајче Нелковски, Мушевски Тодор.