Промени во раководството на Македонски Телеком

20

am

Андреас Маиерхофер, Главниот извршен директор на Македонски Телеком, заминува од компанијата и е назначен за Главен извршен директор на Т – Мобиле Полска, од први април, 2017 година, соопштуваат од компанијата.

Маиерхофер дојде на позицијата Главен извршен директор на Македонски Телеком и Претседател на Одборот на директори на Т – Мобиле Македонија во 2014 година. Во неговата долга кариера во телекомуникацискиот сектор, ова беше негово прво искуство во Дојче Телеком групацијата, каде и ќе продолжи со своите професионални предизвици.

Под негово водство Т – Мобиле и Македонски Телеком станаа една компанија, што придонесе за уште подобро позиционирање на пазарот, се стабилизираше трендот на опаѓање на приходите, продолжија инвестициите во 4G мрежата и напредните технологии што овозможува на корисниците да им се понудат модерни, конвергирани и смарт решенија и услуги.

Маиерхофер почна да работи во 1987 година во Групацијата Телеком Австрија и од тогаш бил носител на повеќе менаџерски позиции. Во 1996 година станал раководител на Секторот за фактурирање и наплата, а во 1999 година ја презел позицијата Директор на кориснички услуги во Мобилком Австрија. Како Главен оперативен директор во Си.мобил Словенија, Андреас бил одговорен за маркетинг, продажба, кориснички услуги и човечки ресурси од 2004 година, а во 2006 година станал нејзин Главен извршен директор. Својата меѓународна кариера ја продолжил во Бугарија каде што ја презел функцијата Главен комерцијален директор, а во 2009 година станал и Главен извршен директор на Мобител ЕАД, позиција на која бил до 2014 година.

Постапката за избор и назначување на нов Главен извршен директор на Македонски Телеком е во тек. Маиерхофер ќе ја води компанијата до први мај, 2017 година, кога треба да се избере негов заменик.

Андреас Маиерхофер ќе остане неизвршен член на Одборот на директори на Македонски Телеком.