Прометот на Македонска берза намален за над 69% во 2015 година

30

berza dzvonce

Вкупниот промет на Македонска берза во 2015 година достигна ниво од 2.660.494.514 денари, што е намалување од 69,43% во однос на 2014 година, покажува Годишниот статистички билтен.

Пазарната капитализација во изминатите 12 месеци беше 102.850.635.856 денари или 2,39% помалку во однос на 2014 година. Пад од 11,38% има на вкупниот број на трансакции што се позиционираше на 11.873. Индексот МБИ 10 е 1.833,26 поени или за 0,59% помалку во однос на 2014 година.

Најтргувани акции од официјалниот пазар на Македонска берза во 2015 година беа оние на Комерцијална банка, зад нив се хартиите од вредност на Алкалоид, додека на трето место се најдоа акциите на НЛБ Тутунска банка.

Најголем пораст забележаа акциите на Винарската визба Тиквеш со скок од 146,45%, достигнувајќи просечна цена од 2.600 денари на 30.12.2015 година. Втори хартии од вредност со најголем раст се оние на Грозд Струмица со пораст од 131,58% и просечна цена од 2.200 денари на 30-ти декември 2015 година. Вредноста на акциите на Фустеларко Борец од Битола порасна за 60% на 800 денари просечна цена на 30.12.2015 година.

Акциите на Фруктал Мак од Скопје имаа најголем пад на вредноста во 2015 година од 87%. На второ место се хартиите од вредност на Јака 80 Радовиш со намалување од 86,71%, додека зад нив се најдоа акциите на Димко Митрев од Велес коишто загубија 85,21% од вредноста.