Прометот на Македонска берза со скок од над 56% во 2017 година

65

makedonska-berza-zvono

Вкупниот промет на Македонска берза во текот на минатата година се позиционираше на 4.738.444.919 денари, што е за 56,73% повеќе во однос на 2016 година, покажува Годишниот статистички билтен на Берзата.

Во структурата на прометот на Македонска берза во 2017 година, најголем удел имаше официјалниот пазар со учество од 59,92%, вредност од над 46,1 милиони евра и реализирани 15.798 трансакции. Потоа следат блок трансакциите, со удел од 38,36%, 181 реализирана трансакција и промет од 29,5 милиони евра. На трето место во структурата на вкупниот промет отпаѓа на редовниот пазар. Во овој пазарен сегмент се реализирани 247 трансакции со вкупна вредност од 1,1 милиони евра.

Анализирано по месеци, во ноември беше регистрирано највисоко ниво на прометот со вредност од 755.760.994 денари или 15,95% учество во вкупниот промет. Од друга страна, најниска вредност прометот забележа следниот месец – декември со само 276.382.199 денари или 5,83% учество во вкупниот промет реализиран минатата година.

Топ пет најтргувани хартии од вредност лани беа оние на: Комерцијална банка (2.574 трансакции); Алкалоид (1.874 трансакции); НЛБ Банка (1.000 трансакции); Стопанска банка (1.418 трансакции) и Макпетрол (764 трансакции).

Условни “добитници“ на Македонска берза во 2017 година беа акциите на: Триглав осигурување со пораст од 514,04%, Јака 80 Радовиш со скок од 472,73% и Лотарија на Македонија со зголемување од 372,44%.

Најголемо опаѓање на вредноста во текот на минатата година имаа овие акции: Струмица табак Струмица (-87,50%), Технометал Вардар Скопје (-68,93%) и Герас Цунев конфекција Струмица (-49,58%).

Пазарната капитализација на Македонска берза лани беше повисока за 17,83% во однос на 2016 година и се позиционираше на 136.338.756.413 денари. Пораст од 25,47% се забележува кај вкупниот број на трансакции – 16.227. Зголемување од 18,92% има кај индексот МБИ10, којшто на крајот на годината достигна 2.538,86 поени.