Промоција на алтернативни енергетски сценарија до 2050 година

10

Организациите Аналитика, Еко-свест и Фронт 21/42 со поддршка на Британската Амбасада во Скопје, денеска ќе одржат конференција за енергетскиот модел 2050 Калкулатор. Настанот е предвидено да биде експертска конференција каде ќе се презентира работата на енергетскиот модел наречен 2050 Калкулатор. Моделот се развива паралелно за 7 земји од регионот (Македонија, БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Хрватска) и ги покрива и побарувачката и понудата на енергија. На конференцијата ќе биде презентиран процесот на пополнување на моделот со податоци, како и механизмот предвиден за консултација за податоците на кои моделот се потпира.

Моделот кој ќе биде презентиран е алатка наменета како внес на податоци при донесувањето на одлуки и политики во врска со енергетскиот сектор и дава препораки во однос на разгледуваните сектори на неколку нивоа.

Од досегашната работа на моделот, по анализата на 4 сектора: транспорт, згради (домаќинства, јавни и комерцијални згради), индустрија (феролегури, челик и цементна идустрија) и производство на електрична енергија, можат да се извлечат следниве заклучоци:

Заклучоците во секторот челик и феролегури се дека се потребни значителни подобрувања во процесот на производство доколку се сака да се намалат емисиите до 2050 година.

Заклучоците за цементната индустрија се дека е потребно намалување на процентот на клинкер во производството на цемент како и засилени мерки на енергетската ефикасност за намалување на емисиите.

Заклучоците за секторот транспорт се дека вкупниот обем на патен и железнички транспорт ќе расте и дека за намалување на емисиите потребни се значителни промени не само во политиките, туку и во однесувањето на луѓето. Така, за 35 години потребен е значителен премин кон електрични возила, велоспедизам и железница за да се достигне задоволитено ниво на намалување на емисиите во овој сектор.

Заклучоците за секторот производство на електрична енергија се дека е потребно постепено затворање на термоелектраните до 2035 година, значително зголемување на вложувањата во обновливи извори на енергија како сончевата, ветерната и хидроенергијата. Но, и покрај можностите за искористување на целосните технички капацитети, Македонија поради недостатокот од јаглен ќе мора да инвестира во централи на гас, во когенеративни постројки, но и ќе мора да обезбедува стабилен увоз на енергија.

Заклучоците за секторот згради се дека иако овој сектор ги има намалено своите емисии од 1990 до 2010, според првите резултати, со значителни напори (технолошки развој и зголемување на свеста) до 2050 можат да се намалат само до 14% од емисиите во 1990 за овој сектор. За да се постигне големо намалување на емисиите потребно е новите згради за домаќинствата од 2030 натаму да се градат како пасивни куќи кои имаат многу мала потрошувачка на енергија, додека пак старите згради за домаќинствата би требало да се реновираат за нивната потрошувачка на енергија да се намали на ниво на згради од А класа до 2050 година. Со поефикасни технологии и поголема свест постои можност потрошувачката на енергија за топла вода и енергија за ладење во домаќинствата да остане иста во 2050 година како и онаа во 2010 година. Ова може да се постигне со примена на различни технологии за греење и производство на топла вода како што се бојлери на природен гас и топлински пумпи. Сепак, најголемиот потенцијал за намалување на потрошувачката на енергија во секторот згради до 2050 година се наоѓа во делот на осветлувањето во домаќинствата.

Целите на овој проект се: Создавање на алтернативна политика за одржлива енергија за ЈИЕ преку креирање на енергетски модели и сценарија со користење на специфични алатки со цел да се дополнат и подобрат веќе постоечките документи; Подигнување на свеста за влијанијата на тековните енергетски политики во споредба со алтернативните, ниско-јаглеродни одржливи политики врз сегашните и идните граѓани преку стратешко застапување и набљудување; Обезбедување на висок квалитет на спроведените истражувања преку навремени консултации со сите чинители – граѓани, експерти и институции  со цел да се поттикне дијалогот помеѓу владините институции, граѓанското општество и деловниот сектор.