Промоција на извозен каталог на македонската преработувачка индустрија

42

Македонската асоцијација на преработувачи промовираше извозен каталог на англиски јазик, со детални податоци за компаниите од оваа индустрија и нивните производи, смрзнато, сушено и конзервирано овошје и зеленчук. Каталогот е изработен со поддршка на Министерството за економија преку програмата за развој на кластери, пишува Миа.

“Ваков каталог се изработува првпат. Претставува воведно четиво за секој кој е заинтересиран за соработка да ги искористи овие информации и да се обрати директно до фирмите“, изјави на промоцијата Сашо Ристески, извршен дирекор на Македонската асоцијација на преработувачи.

Каталогот, појасни, ќе дава генерална слика за состојбата и членките на преработувачката индустрија  во Македонија.

“Верувам дека ќе се користи не само од преработувачите при нивното излагање на странски саеми, деловни средби и промоции, туку и од институциите, како Агенцијата за привлекување странски инвестиции и министерствата за економија и за земјоделство“, рече Ристески.

Одговарајќи на новинарско прашање како извозните компании се справуваат со нарачките поради проблемите со набавка на суровини, тој рече дека за разлика од овошјето, има сериозно потфрлање кај преработките на зеленчук, а најмногу кај црвената пиперка.

“Сите  имаат потфрлања во тој дел, ќе имаат тешкотии да се исполнат извозните аранжмани, ќе има соодветни пенали и санкции од страна на нивните купувачи. Се надевам дека во 2015, уште на почетокот на годината ќе почнеме сериозно да работиме на регулирање на понудата и побарувачката на суровини за индустријата“, изјави Ристески.

Меѓу начините за надминување на состојбата, според него, е воведување договорно производство на многу  попрофесионални основи.

“Начелно имаме потврда од Министерството за земјоделство дека се заинтересирани за соработка во рамки на програмата за соработка со СИПО, веќе имаме предвидено активност и обезбедени финансиски средства за носење странски консултанти, за одржување работилници со производителите околу моделите на договорно производство“, рече Ристоски.