Промоција на македонски вина на меѓународен саем во Германија

71

Посетителите на еден од водечките меѓународни саеми за вино, ProWeine во Дизелдорф, Германија, кој годинава се одржува од 17-ти до 19-ти март, имаат можност да се запознаат со македонските вина претставени со учеството на 10 македонски винарници: Тиквеш, Сковин, Стоби, Далвина, Бовин, Камник, Езимит, Попов, Мовино и Имако, стои во соопштението.

И оваа година при претставувањето на македонските вина акцентот е ставен на сортата вранец. Во рамки на саемот, македонските винарници организираат специјални дегустации за бројните дистрибутери, увозници и професионални купувачи од целиот свет да го осознаат уникатните карактеристики на вранецот. Овие дегустации се водени од Каролин Гилби, реномиран вински експерт и еден од најголемите познавачи на вината од земјите на Југоисточна Европа.

Дополнително, посебен дел од македонскиот национален штанд е посветен на оваа сорта, со изложување на 20 различни вина од десетте винарници, со цел да се прикажат можностите и различните стилови на производство. Вината произведени од сортата вранец изложени во специјалниот дел од штандот се организирани во три категории: вина произведени во инокс танкови, вина зреени во дабови буриња и вина создадени со комбинирање на вранец со друга сорта.

“Виното Вранец е наш најголем адут во напорите за градење препознатливост во меѓународни рамки и одвојување од останатите вински региони. Кон тоа придонесува и заедничкиот настап на саеми, со заеднички национален штанд кој го посетуваат многу увозници и дистрибутери. Сепак, за етаблирање и препознатливост на македонското вино потребна е поширока стратегија фокусирана на виното како производ со додадена вредност. Виното е меѓу производите со најголемо учество во бруто домашниот производ што го создава земјоделскиот сектор и неопходно е да се посвети поголемо внимание во развојот на винската индустрија“, истакна Елена Младеновска – Јеленковиќ, директор на здружението Вина од Македонија.

Македонскиот национален штанд и оваа година е финансиски поддржан од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2019 година на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека во рамки на активностите на министерството за промоција на македонското вино на интернационалните пазари поддршка обезбедува и здружението „Вина од Македонија“.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и оваа година преку мерките од Програмата за рурален развој овозможува поддршка за промоција на македонските земјоделски производи и храна, вклучувајќи го и виното. За таа цел годинава преку Програмата за рурален развој, со вкупно 60 милиони денари ќе се поттикне промоцијата на македонските земјоделски производи дома и во странство. Со овие средства ќе се поддржи учеството на  домашни и странски саемски манифестации. Дополнително преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи, МЗШВ нуди  поддршка за заштитени ознаки за традиционални производи, отворање на органски продавници, амбалажа на преработени земјоделски производи, изработка на маркетинг платформа и друго, изјавија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

ProWeine еден од најголемите и најзначајните саеми на кој се среќаваат производителите на вино и купувачите кои ги претставуваат големите трговски синџири и угостителството. Овој саем секоја година привлекува повеќе од 60.000 посетители, а на саемот своите вина ги промовираат 6.873 изложувачи од 60 вински земји во светот.