Претставници од девет винарии од Македонија денеска во Амстердам одржуваат бизнис средби со увозни компании од Хорека, како и новинари од Холандија, дел од промотивните настани за македонско вино што ги организира Здружението Вина од Македонија (ВоМ), пишува Миа.
Следува учество на македонските винарии на Саемот за вино ProWine во Шангај каде осум винарии ќе се претстават пред кинеската професионaлна публика од 11-ти до 13-ти овој месец.
На 29-ти минатиот месец македонското вино беше промовираше и во Копенхаген, Данска, каде во соработка со Invest Macedonia и Амбасадата на РМ во Данска, ВоМ организираше преставување на македонските компании и на овој пазар. На бизнис средбите македонските винарии се сретнаа со над 100 заинтересирани компании. На промотивните настани во Холандија и во Данска им претходеа посети во Македонија на новинари од овие земји на почеток на септември годинава кои пишуваа за македонските винарии и вино.
Во тек на минатиот месец се одржаа промоции на македонски визби и во Париз, Њујорк, Чикаго и Стокхолм.
На промотивните настани ВоМ организираше семинари за македонското вино со цел подобро запознавање на професионалната публика во овие земји со потенцијалите на нашето вино, со посебно внимание на сортата Вранец. На промотивните настани учествуваа винариите: Тиквеш, Стоби, Бовин, Камник, Далвина, Езимит, Попов, Попова Кула, Сопот и Имако.
Настаните се финансиски поддржани од страна на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, согласно програмата за поддршка на извозот на македонски производи, од холандската Агенција за поддршка на извозот на земјите во развој ЦБИ, како и од винарии членки на Вина од Македонија, со помош на македонските амбасади.