Промоција на македонското вино во Холандија и Полска

36

Единаесет македонски винарнии, организирани преку Здружението Вина од Македонија ќе ги промовираат своите вина во Хаг и Варшава. Промоциите ќе се одржат од 21-ви до 24-ти октомври 2012 година. Се работи за активности кои имаат за цел пробивање на македонското вино на пазарите во Европската Унија, според маркетинг стратегијата за извоз на вино во ЕУ која ја изработија винарниците, презентирана во февруари оваа година. Со оваа стратегија, Холандија, Полска, Словенија и Швајцарија се оценети како најперспективни пазари од ЕУ за македонското вино.

Промоциите се поддржани од холандската Агенција за промоција на извозот – ЦБИ, која им обезбедува поддршка на винарниците за постигнување на целите зацртани во маркетинг стратегијата за извоз на вино во ЕУ.

Пред холандските и полските професионални познавачи на виното и голем број увозници на вино и дистрибутери своите вина ќе ги презентираат Тиквеш, Стоби, Сковин, Далвина, Бовин, Попов, Дудин, Камник, Езимит, Попова Кула и Филовски.

Во организацијата на овие промотивни настани се вклучени и македонските амбасади во двете земји, како и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија преку своите економски промотери, кои во рамките на самите промоции ќе организираат дополнителни активности со цел привлекување на што поголем број присутни на самите промоции, како и овозможување директни средби на винарниците со увозниците.

Ова е продолжување на низата промотивни настани кои Здружението Вина од Македонија ги организираше во текот на годината со поддршка на странски донатори – ЦБИ и УСАИД. Во реализацијата на овие активности, активно се вклучени и амбасадите на Република Македонија и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, кои даваат безрезервна поддршка и со голема посветеност работат на успешна промоција на македонското вино, преку активности за поуспешна организацијата на промотивните настани од самиот почеток, логистичка поддршка поврзана со испраќање на мостри со вино и промо-материјали, до остварување и следење на контакти со потенцијални увозници и промотери на вино на странските пазари.

Како резултат на ваквата соработка досега беа организирани промоциите во Хелсинки и трите промотивни настани во САД (Чикаго, Вашингтон и Њујорк). Успешен резултат даде и промоцијата на македонско вино во Кина, која беше организирана во рамките на одржаното Road Show на Владата на Република Македонија, по која следуваа неколку промотивни настани на вино организирани  македонската амбасада во Пекинг и економскиот промотор на Инвест Македонија во Кина и остварување директен контакт со дистрибутери и увозници. Како резултат на целиот овој ангажман, седум Македонски винарници склучија и извозна зделка со голем увозник и дистрибутер од Кина.