Промоција на проектот Бајки од Македонија во рамки на летниот саем на книга во Сити Мол

16

FOTO_Bravo sine_Balki od Makedonija

Најмладите и сите љубители на волшебниот свет на бајките ќе имаат можност да уживаат во четирите приказни од едицијата Бајки од Македонија денеска од 18 часот во трговскиот центар Сити Мол во Скопје.

Во рамките на летниот саем на книгата во Сити Мол издавачката куќа Арс Ламина организира дружење и читање на македонските волшебни приказни од едицијата Бајки од Македонија со актерката Сања Арсовска од Драмски театар Скопје, позната и како Лина од 5+ бенд.

Едицијата Бајки од Македонија е составена од четири македонски волшебни приказни, Двата цара, Момчето што се скри во златното јаболко, Девојчето и дванаесетте месеци и Вејко Северко, кои потекнуваат од македонското народно творештво. Овие приказни, собрани од Марко Цепенков и Танас Вражиновски, сега се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата на возраст од четири до седум години.

“Особено сме среќни што преку оваа манифестација повторно најмладите ќе можат да уживаат во прекрасниот свет на бајките, кои некогаш ги раскажувале нашите предци од колено на колено, а денес имаат изглед на модерен производ што ја поттикнуваат детската фантазија. Наша цел е токму изворните вредности длабоко врзани со нашата традиција да добијат нов модерен изглед. Со едицијата Бајки од Македонија тоа го постигнавме и многу сме горди на овој проект“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Браво сине.

Едицијата Бајки од Македонија е последниот проект на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – Браво сине, а е реализиран во партнерство со Арс Ламина. Изборот на бајките беше направен со стручна помош од професор д-р Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор Марко Цепенков, а бајките ги адаптираше Билјана Црвенковска. Илустрациите за едицијата Бајки од Македонија ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска, чие идејно решение беше избрано за најдобро на јавниот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – Браво сине.

“Наша мисија е на сите љубители на пишаниот збор да им понудиме квалитетно четиво, но и да го подигнеме квалитетот на издавачката дејност со вистински трајни вредности. Со едицијата Бајки од Македонија го постигнавме токму тој аспект на нашата мисија, бидејќи на нашата најмлада читателска публика, на која сме ѝ особено посветени,ѝ понудивме едно автентично четиво со модерен изглед  кое ќе се чита со генерации“, истакна Билјана Црвенковска, уредник во Арс Ламина.

Летниот саем на книгата во Сити Мол, во организација на Македонската асоцијација на издавачите, се одржува од 15-ти до 21-ти јуни на приземјето во трговскиот центар. Арс Ламина, преку своите импринти Арс Либрис, Либи и Литература.мк, на саемот ќе понуди многу атрактивни наслови (бестселери, ѕвезди на светската книжевност, детска литература итн.), попуст до 70% на изданијата, подароци, изненадувања за убаво и исполнето лето и богата програма. Покрај промоцијата на Бајките од Македонија, на штандот на Арс Ламина сабота и недела од 11 до 13 часот ќе се случуваат и детски креативни работилници и фотографирање со Пчеличката Маја.