Промовиран дигитален регистар на македонски туристички водичи

26

thumbnail_vodici-2

По повод Светскиот ден на туристички водичи, денеска, беше промовиран веб дигитален регистар на активни и квалификувани туристички водичи во Македонија. Регистарот јавно е достапен на www.tourguides.mk и е изработен од Асоцијацијата на туристички водичи, со поддршка на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ (Increasing Market Employability) како дел од активностите за унапредување на туристичката понуда во Македонија.

Туристичките водичи, според Елена Иванова, менаџер на секторот туризам во Програмата за зголемување на пазарната вработливост, се една од најважните алки во вредносниот синџир во туризмот која има сериозно влијание врз доживувањата на туристите.

“Истражувањата на терен покажуваат дека околу 65% од доживувањето на турата е директен резултат на квалитетот на туристичкиот водич. Од нив зависи како туристот ќе ја доживее и со какви впечатоци ќе замине од одредена дестинација. Затоа, помогнавме да се креира овој дигитален, јавно достапен, регистар на квалификувани туристички водичи кој постојано ќе се надополнува. Следната фаза ќе вклучува и можност за резервација и рангирање на водичите според задоволството на клиентите. ИМЕ програмата ќе работи и на подобрување на вештините на туристичките водичи, пред сé во областа на безбедноста на туристите и на подобрување на стандардите во нивната работа“, нагласува Иванова.

Веб регистарот може да го користат туристичките оператори, но и туристите, за спроведување организирани тури со активни водичи. Регистарот, во кој се вклучени сите видови туристички водичи, содржи информации за квалификацијата на туристичкиот водич и неговата сертификација, јазиците кои ги говори, типот на тури кои ги води, регионот во кој работи и контакт информации.

Овој регистар овозможува пристап до активни и професионални водичи кои ја познаваат туристичката дејност и кои, на овој начин, ќе добијат дополнителна можност за промоција на својата работа, објаснува Бранко Босилков од Асоцијацијата на туристички водичи.

“Правиме обид, за прв пат, да ги обединиме сите туристички водичи на едно место. Регистарот постојано се ажурира и затоа ги повикуваме сите активни туристички водичи да нѐ контактираат и да достават информации за да ги вклучиме во регистарот“, изјави Босилков.

Регистарот, технички изработен од ITEA Solution, засега содржи информации и контакти од околу 340 активни водичи. Во иднина, регистерот треба да прерасне во интернет платформа на која водичите ќе имаат можност за меѓусебна комуникација и размена на искуства и информации од терен.