Промовиран Постојаниот избран суд Арбитража во ССК

33

arbotraza ssk

Во Македонската стопанска комора при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), свечено е промовиран Постојаниот избран суд Арбитража каде за претседател е назначен академик проф. д-р Владо Камбовски.

Членови на претседателството на Постојаниот избран суд за Арбитража се академиците проф. д-р Таки Фити и проф. д-р Абдулменаф Беџети, претседателот на Сојузот на комори, Данела Арсовска и други истакнати експерти во областа на правото.

Академик Камбовски истакна дека е сигурен академиците како прв состав на претседателството на Постојаниот Арбитражен суд при Сојузот со својата работа и авторитет ќе ги оправдаат очекувањата и ќе ја заслужат довербата на стопанството да отпочне активно да го користи Постојаниот Арбитажен суд, наместо редовните судови.

“Арбитражата заедно со медијацијата, посредувањето кои се релативно нови институти  во нашиот правен систем, придонесуваат да се создаваат нови односи помеѓу правните субјекти затоа што таквиот начин на решавање спорови е на линија на наоѓање компромиси, односно заеднички решенија за одделни спорни прашања, без наметнување и без онаа државна присилба што стои зад судските пресуди која често пати сигурно го наоѓа правото, но честопати и остава уште отворени прашања меѓу субјектите“, изјави проф. Камбовски.

Потребата од формирањето на Постојаниот избран суд Арбитража, се наметна како резултат на пазарната економија и современите трендови на бизнисот кои ја наложуваат потребата од најбрз и најефикасен начин на решавање на споровите со значително помали трошоци, за кои со закон не е пропишана исклучива надлежност на судовите во Република Македонија.

“Ефикасност во решавањето на предметите на странките по пат на Арбитража им овозможува заштеда на време и трошоци и обезбедува поголема сигурност во постапката. Брзината е една од најголемите предности на арбитражата, споровите се решаваат вообичаено во рок од три до девет месеци, при што се избегнуваат сите непотребни формалности. Исто така, предност при арбитражната постапка е принципот на затвореност и целосна дискреција во зачувување на угледот на деликатните деловни односи. Арбитражната е конечна, без можност за жалба, а трошоците се значително помали во споредба со решавање на спорот пред надлежните судови“, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Арсовска додаде дека, по пат на арбитража се гарантира повеќе автономија на страните и секако, повеќе автономија во предметите од меѓународен карактер што се изразува преку изборот на апликативното право и процедуралните правила. Квалитетна  арбитражната постапка  е значаен столб за сигурноста на сите инвеститори во Република Македонија.