Промовиран проектот за интероперабилност за зголемување на квалитетот на административните услуги

37

a12

Во просториите на ЕУ инфо центарот вчера официјално беше промовиран проектот Испорака на опрема за платформата за интероперабилност во Министерството за информатичко општество и администрација.

Овој проект, којшто е финансиран од Европската Унија, ќе му обезбеди советодавна поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), коешто е одговорно за управување со јавната администрација и за координирање на нејзините реформи.

Имплементацијата е реализирана од конзорциум на неколку компании, меѓу кои Македонски Телеком како лидер на конзорциумот одговорен за испорака и ставање во функција на системот за интероперабилност во соработка со партнерите Виста Груп и Некстсенс.

Интероперабилност е еден од најважните проекти, дел од реформата во јавната администрација, со чија имплементација ќе се овозможи подобрување на административните услуги кон граѓаните и компаниите и ќе се придонесе за забрзување на процесот на имплементација на нови електронски услуги како и за развивање на понатамошни алатки за е – општество.

Европската Унија го финансира овој проект со 1.460.000 евра, а во него се опфатени 15 различни институции: Министерство за информатичко општество и администрација, Министерство за внатрешни работи, Централен регистар на РМ, Агенција за вработување на РМ, Фонд за здравствено осигурување на РМ, Управа за водење матични книги, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Основен суд Скопје 2, Министерство за надворешни работи, Основен суд Скопје 1, Државен завод за статистика, Македонска Академска Истражувачка Мрежа, Царинска управа на РМ, Државна изборна комисија.

“Ни претставува особена чест што Македонски Телеком заедно со партнерите Виста и Некстсенс како конзорциум ја добија довербата на ЕУ што зборува дека ние сме партнер од доверба и можеме да испорачаме и  реализираме проекти кои целосно ќе го сменат и поедностават начинот на работење. Овој проект ги постави основите на е – општеството како ситемска магистралата за поврзување и придонесува за забрзување на процесот на имплементација на нови електронски услуги на владините институции. Покрај приклучените 15 институции и повеќе од 60 развиени сервиси помеѓу институциите, на системот испорачан од Телеком со партнерите Виста и Некстсенс, може дополнително, а едноставно да се приклучат и други институции, односно на едноставен начин да имплементираат дополнителни сервиси. Очекуваме да ја поедноставиме употребата на услуги и информации наменети за граѓаните и бизнисите преку примена на трансформативните технологии почнувајќи од интернет мобилна комуникација, па сè до социјалната мрежа и работењето во облак“, изјави Слободанка Јакимовска Јосифовиќ, директор на Секторот за дизајн и развој на ИКТ решенија и услуги на Македонски Телеком.

Преку проектот се обезбеди испорака на хардверска инфраструктура и сервиси коишто претставуваат основа за поврзување на сите постоечки и идни процеси, системи и информации во јавната администрација во Република Македонија. Тоа претставува сериозен придонес кон понатамошното подобрување на квалитетот на административните услуги за граѓаните и за бизнисите, како и кон развивањето на алатки за е – влада.