Промовирани и наградени со грант за развој 10 социјални претприемачи во Македонија

13

unnamed

Во Хотел Парк Скопје, вчера беа промовирани и наградени со грант за развој првите 10 социјални претприемачи во Македонија во рамки на проектот Оддржливо влијание на граѓанските организации од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција преку социјално претприемништво и социјални иновации, кој во земјава се спроведува од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), а е поддржан од Европска Унија со 90% од финансирањето и Градот Скопје. Покрај грантот за отпочнување на социјален бизнис, социјалните претприемачи се вклучија во менторска програма со корпоративниот сектор која ќе им обезбеди долгорочна поддршка и развој. Социјалното претприемништво е новата економска и општествена енергија. Позитивно движење кое ги интегрира невладиниот, владиниот и корпоративниот сектор. Идејата за развојот на социјалното претприемништво е поттикната од повеќе фактори: потребата за инклузија на сите општествени групи – вклучително и ранливите, позиционирање на бизнисите како носители на општествени, а не само економски чинители, диверзификацијата и глобализацијата како незапирливи глобални трендови и секако развојот на иновациите и технологијата. Развојот на социјалното претприемништво веќе гради позитивни практики во повеќе европски земји, а од неодамна преку Смарт Старт хабот на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) интензивно се развива и во Македонија.

“Потребно е да се делува преку општествено корисни проекти, инклузивно за сите општествени групи, особено најранливите. Најодговорни за развојот на социјалното претприемништво се бизнисите кои со воведувањето и интеграцијата на социјалните претприемачи, остваруваат мултипликативна корист. Затоа сме горди на 10-те нови социјални претпријатија”, порача Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).

Социјалните претпријатија: Хуманост (Скопје), Лице в лице (Скопје), Виножито (Радовиш), Избор (Струмица), Еко Логик (Скопје), Милениум (Тетово), Центар за одржливи иницијативи (Скопје), Отворете ги прозорците (Скопје), Локална агенција за развој (Струга), Организација на жени на општина Свети Николе (Свети Николе) добиваат грантови кои ќе им помогнат во развивање на нивните бизнис планови. Покрај грантовите, ЦИКП на социјалните претприемачи  им овозможува и менторска поддршка од компаниите етаблираните македонски компании кои токму поради оваа заслуга беа одлукувани како “Добри брендови”. Во оваа група влегуваат: ОКТА, Стопанска банка а.д. Битола, Стопанска банка а.д. Скопје, Пакомак, ОРКА, Бучен Козјак, Адора Инженеринг, Филип Морис и ЕВН Македонија.