Просечна камата од 3,85% на кредитите одобрени на компаниите во август

32

Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор во август изнесува 3,85% и на месечна основа се намали за 0,04 процентни поени (п.п), покажуваат податоците на Народна банка.

Надолната промена се должи на падот кај сите компоненти на оваа каматна стапка: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,05 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Во споредба со истиот период од претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,53 п.п.

Во август годинава, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор бележи месечен пад од 0,06 п.п. и изнесува 3,58%. Притоа, падот целосно произлегува од намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,21 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,28 п.п.) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,06 п.п.). На годишно ниво, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор оствари пад од 0,64 п.п.

Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во август се намали за 0,14 п.п. на месечно ниво и изнесува 1,15%. Месечниот пад произлегува од намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,42 п.п.) и каматните стапки на депозитите во денари без валутна клаузула (за 0,04 п.п.), при непроменета каматна стапка на денарските депозити со валутна клаузула. Во споредба со август минатата година, оваа каматна стапка бележи пад од 0,43 п.п.

Овој месец, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор изнесува 0,41% и оствари месечно намалување од 0,16 п.п., во споредба со јули. Гледано според валутната структура, падот се објаснува со намалувањето на сите компоненти на оваа каматна стапка, и тоа: каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,23 п.п.) и каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула (за 0,07 п.п. и 0,05 п.п., соодветно). Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,48 п.п., споредено на годишно ниво.

Фото: Pixabay