Просечна камата од 3,94% на новоодобрените кредити во јуни

15

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јуни оваа година изнесува 3,94%, по забележан месечен раст од 0,02 процентни поени. На годишна основа, оваа каматна стапка е намалена за 0,76 процентни поени. Кај просечната каматна стапка на новопримените депозити е остварен месечен раст од 0,02 процентни поени и изнесува 0,64% додека на годишно ниво е забележан пад за 0,51 процентен поен, покажуваат податоците на Народна банка.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, во јуни, изнесува 3,93% и на месечно ниво е пониска за 0,04 п.п. Промената се должи на падот кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п.) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п.). Споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,52 п.п.

Во јуни, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор бележи месечен пад од 0,03 п.п. и изнесува 3,68%. Падот е резултат на пониските каматни стапки на кредитите во странска валута (за 0,53 п.п.) и денарските кредити со валутна клаузула (за 0,07 п.п.), додека каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула бележат раст (за 0,15 п.п.). На годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,61 п.п.

Овој месец, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор се зголеми за 0,03 п.п. во споредба со претходниот месец и изнесува 1,27%. Нагорната промена целосно се објаснува со зголемувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,06 п.п.), додека каматните стапки на депозитите во денари со и без валутна клаузула бележат пад (за 0,14 п.п. и 0,01 п.п., соодветно). Во споредба со истиот период претходната година, оваа каматна стапка е намалена за 0,34 п.п.

Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, во јуни, забележа месечен раст од 0,09 п.п. и изнесува 0,43%. Притоа, растот целосно се должи на повисоките каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,18 п.п.), при остварен пад на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,52 п.п.). Oвој месец, банките и штедилниците не примиле денарски депозити со валутна клаузула. Анализирано на годишно ниво, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор забележа пад од 0,53 п.п.

Фото: Freepik