Во февруари 2021 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити, бележи минимален месечен пад од 0,01 процентен поен (п.п.) и изнесува 4,61%, додека на годишна основа е намалена за 0,30 п.п. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,92% и оствари минимално месечно намалување од 0,01 п.п. На годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните депозити е пониска за 0,27 п.п, покажуваат податоците на Народна банка.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, во февруари, забележа месечен раст од 0,27 п.п. и изнесува 4,25%. На годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,08 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,71% и е повисока за 0,09 п.п. на месечна основа, при забележан пад на годишна основа за 0,27 п.п.
Во февруари, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, изнесува 3,70% и на месечно ниво е минимално намалена за 0,01 п.п. Месечната промена во целост произлегува од падот на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.), додека каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и кредитите во странска валута се непроменети. Споредено на годишно ниво, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,41 п.п.
Кај каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, овој месец, е забележан месечен раст од 0,16 п.п. и изнесува 3,76%. Нагорната промена се должи на зголемените каматни стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,32 п.п. и 0,25 п.п., соодветно), додека каматните стапки на кредитите во странска валута бележат пад (за 0,45 п.п.). Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,06 п.п.
Во февруари, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор бележи пад од 0,02 п.п. на месечна основа и изнесува 1,20%. Месечниот пад се објаснува со пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,02 п.п. и 0,01 п.п., соодветно), во услови на минимален раст на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.). Во споредба со истиот период претходната година, оваа каматна стапка е пониска за 0,29 п.п.
Kаматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор, во февруари, изнесува 0,39% и оствари минимален пад од 0,01 п.п. на месечна основа. Анализирано по валута, промената во целост се должи на падот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,07 п.п.), при забележан раст кај каматните стапки на депозитите во странска валута и денарските депозити со валутна клаузула (за 0,19 п.п. и 0,08 п.п., соодветно). На годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор бележи намалување од 0,17 п.п.
Во февруари, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата е намалена за 0,02 п.п. во споредба со претходниот месец и изнесува 5,43%. Притоа, падот се објаснува со намалувањето на каматните стапки кај сите компоненти, и тоа: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,02 п.п., соодветно), како и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.). На годишно ниво, кај оваа каматна стапка е остварен пад од 0,24 п.п.
Овој месец, кај просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е забележан раст од 0,12 п.п. на месечно ниво и изнесува 4,68%. Според валутната структура, растот целосно се должи на зголемувањето на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,06 п.п.), при забележан пад на каматните стапки на кредитите во странска валута и денарските кредити без валутна клаузула (за 0,08 п.п. и 0,01 п.п., соодветно). Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е намалена за 0,27 п.п. во однос на февруари претходната година.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, изнесува 0,88% и е минимално намалена за 0,01 п.п. на месечно ниво. Притоа, промената се должи на пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и депозитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно), во услови на непроменета каматна стапка на денарските депозити со валутна клаузула. Споредено на годишно ниво, просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата бележи пад за 0,27 п.п.
Во февруари, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е зголемена за 0,20 п.п. во споредба со претходниот месец и изнесува 0,86%. Нагорната промена се објаснува со растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,31 п.п.) и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,04 п.п.). Овој месец, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата бележи намалување за 0,33 п.п.
Фото: Pexels