Прв Plogging за џогирање и собирање отпадоци на Кејот на Вардар

3

Скопје Мериот хотел во соработка со амбасадата на Шведска, на 27 октомври (сабота) со почеток во 11 часот, на кејот на реката Вардар, со почетна точка од градскиот плоштад во Скопје, ќе организира Plogging event, настан наменет за вработените во хотелот, но и за пошироката јавност, на кој сите оние кои се грижат за своето здравје и за природата ќе можат да џогираат или да пешачат и притоа да собираат отпадоци, придонесувајќи за заштита на животната средина.

Ова ќе биде прв Plogging настан организиран од страна на Скопје Мериот хотел во Македонија, а идејата е тој во иднина да стане традиционален и да се организира еднаш месечно, на различни локации.

Plogging како иницијатива за прв пат се појави во Шведска во 2016 година и од тогаш масовно се шири насекаде во светот поради зголемената загриженост за загадувањето на природата со пластични отпадоци. Тој претставува комбинација од џогирање и собирање ѓубре (од шведски plocka upp) и како тренинг обезбедува варијација на трчање и виткање на телото со наведнување и истегнување, така што има двојна функција – обезбедува физичка активност и истовремено придонесува за намалување на загадувањето на природата со отпадоци. Фитнес експертите имаат пресметано дека со половина час џогирање и собирање ѓубре кај просечниот човек се согоруваат 288 калории, додека само со џогирање се трошат 235 калории.

“Plogging денес е масовно распространет во светот и веќе насекаде можат да се сретнат луѓе кои џогираат и со себе носат ќеси и собираат отпадоци. Во земјите од Скандинавија, во Германија, САД и многу други земји се формирани и групи за plogging кои заедно џогираат и собираат пластични шишиња и други отпадоци. Се надеваме дека настанот кој го организира Скопје Мериот хотел ќе стане традиционален и дека истовремено ќе влијае на подигање на свеста во Македонија за значењето на здравите навики и грижата за животната средина, односно дека ќе биде поттик plogging да стане секојдневие и во Македонија”, велат од Скопје Мериот хотел.

Учесниците на првиот Plogging event кој го организира Скопје Мериот хотел ќе џогираат 2,1 километар во еден правец, или 4,2 километри во двата правци и ќе бидат предводени од Ивица Трајковски, персонален фитнес инструктор во Мериот кој е истовремено и Take Care Champion.

Take Care инаку е глобална иницијатива на групацијата Marriott наменета за вработените со која се обезбедува високо ниво на култура и свест на вработените, што се обезбедува со почитување на трите столба – грижа за себе, за оние со кои си во непосреден контакт, како и за сите во целина, со што се придонесува за добросостојба на вработените, за поголема сплотеност на колективот и за подобри бизнис перформанси на компанијата.